За половина година не се потрошени ниту една петтина од предвидените пари за патишта, канализации, училишта градинки, железница… Пари за оваа намена во Буџетот имаше, но тие секој месец, во континуитет, се трошеа многу помалку од предвиденото. Така, со последните резултатите што се однесуваат за јуни годинава, во првото полугодие, за капитални инвестиции се потрошени 65,3 милиони евра или 16,7 проценти од предвидените 392 милиони евра за цела година.
Ниската реализација на капиталните расходи беше повод за реакција и на Институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“. Оттаму оценуваат дека тоа се должи на забавеното темпо на реализација на клучните капитални инвестиции, пред сè на изградбата на автопатиштата.
Вицепремиерот Кочо Анѓушев пред еден месец се пожали дека на почетокот на годинава се соочиле со неподготвени проекти и неефикасни тендерски постапки, кои се неопходни за реализација на инвестициите.
– Во април и во мај посветено работевме на нивна реализација – рече Анѓушев и прогнозираше дека до крајот на годинава 80 проценти од предвидените капиталните инвестиции ќе се реализираат.
„Фајненс тинк“ јавно го повика Министерството за финансии да направи ребаланс на Буџетот за да се пренаменат неискористените пари. Притоа, оттаму му порачаа на Министерството „да ја напуштат политиката на свесно првично проектирање повисоки износи на капитални расходи и нивно следствено кратење со ребаланси на Буџетот во текот на календарската година, што беше одлика на водењето на фискалната политика порано“.
Институтот упати повик и да се напушти досегашниот метод на проектирање на капиталните расходи и да се направи список со приоритети.
„Дури и при редуцирање на т.н. непродуктивни инвестиции, што е карактеристика на фискалната консолидација отпочната од оваа влада, Македонија нема капацитет да ги финансира сите продуктивни инвестиции одеднаш, па потребен е општествен консензус околу нивната приоритизација. Ваквата дебата треба да потекне од самото Министерство за финансии, со соодветна студија за тоа какви и кои капитални инвестиции ѝ се потребни на Македонија и со вклучување на сите засегнати страни, првенствено бизнис-заедницата, како и академската и граѓанската заедница“, напиша во својата анализа „Фајненс тинк“.
Економските бројки ги анализираше и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој на својот феjсбук-профил напиша дека извршувањето на капиталните расходи во Буџетот за вториот квартал е 38 отсто пониско во однос на истиот период од минатата година.
Поранешниот министер за финансии Никола Поповски не ја исклучува можноста на крајот од годината да има големи капитални расходи, но тогаш вели дека мора да интервенира Народната банка.
„Со ваква динамика постојат две опасности: прво вкупните инвестиции да се остварат на многу ниско ниво до крајот на годината, и второ, исплатите да се концентрираат во ноември и во декември, дури и во последните недели од годината што може да предизвика инјектирање непланирана ликвидност во економијата со опасност за намалување на нивото на девизните резерви, за што НБРМ ќе мора да интервенира со свои мерки“, изјави за порталот Фактор професорот Поповски.
(Објавено во Слободен печат)