Заев: Не ширете тези дека ќе се викаме „Република северно од Македонија“ 

2127

Без решавање на спорот за името со Грција и имплементација на Договорот од Преспа, Македонија не може да очекува да стане полноправна членка на ЕУ и НАТО, рече премиерот Зоран Заев на денешната собраниска седница.

Не е точно, нагласи Заев, дека по Договорот со Грција „сега е готово, ние немаме име“.

– Имаме договор за признавање на македонскиот јазик, на македонскиот етнички идентитет. Повеќе никој во светот, никој од нашите соседи не го спори нашиот македонски јазик и нашиот македонски идентитет. Ова е надмината ситуација и вредна историска работа. Доколку референдумот биде успешен и граѓаните го поддржат договорот, следуваат уставни измени, истакна премиерот, одговарајќи на прашањето од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Трајчо Димков.

Ако на Интернет се напише Republic of North Macedonia и Republic North of Macedonia не е исто, потенцира и ги повика оние што го прават тоа да не шират такви тези и да велат дека сега ќе се викаме „Република северно од Македонија“.

– Сите земји кои користат придавка пред своето име, ја користат на ваков начин, Северна Каролина, Северна Ирска, тоа е класична меѓународна класификација, доколку граѓаните го поддржат ова ќе се викаме Република Северна Македонија, посочи премиерот.

Нагласи дека ќе бидеме Македонци и ќе зборуваме македонски јазик, единствен во светот. – Точно е дека од 1977 година е впишан во графите на ОН, но не беше признат од соседите, не се употребуваше, рече Заев и додаде дека со Договорот добивме потврда за македонскиот јазик и за македонското државјанство.

Во однос на имотите нагласи дека во текот на преговорите не се разговарало, нагласувајќи дека ниту тој, ниту Ципрас, ниту кој било премиер претходно немаат право да разгвовараат за имоти на територија на друга држава. Тоа се регулира, рече, со меѓународното право, меѓународните договори, чии потписници се и Грција и Македонија.

– Македонија никогаш не можела таа работа да ја заврши во туѓа земја. Тоа можат да го направат граѓани со докази по пат на суд, да си ги бараат своите права. Лага е дека за тоа се разговарало. Ние немаме никакви аспирации, ниту некој има аспирации кон нашата територија. Од тој аспект ништо не е разговарано, нагласи Заев.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...