ПИСМА ОД ЛОНДОН Градинари на рецепт

Од млади до стари, сите тажни се лекуваат со апчиња. Повеќе од 7 милиони возрасни и 70.000 деца само минатата година. Со антидепресиви се лекува сè.

789

Мислев дека животот во Лондон не може ништо против неговите корени – попусто велеград, попусто Темза, музеи, театри, ресторани, луѓе од сите страни на светот, концерти, изложби, музики и јазици и мириси и слики и бои и… селото си е село, тоа е посилно од него и тој реши да побара од општината да му даде парче земја, три на четири метра, да ја обработува и да сади патлиџани, пиперки и компири. Речено – сторено.

Така, преку недела на работа, на една од најодговорните работи во Лондон, но за викенд, сам, без жена и деца, на своето парче земја одгледуваше земјоделски производи како неговите дома, во Македонија. Не ми кажа веднаш што прави за време на викендите. Дознав подоцна. Кога ми донесе мали патлиџанчиња, па кога ги пробав и кажав колку се слатки, гордо ми рече – мои се.

Да се биде во природа

Англичаните немаат ексклузивно право на депресијата, но она што ги загрижува стручњаците во земјата е дека лекарите сè повеќе препишуваат антидепресиви – односно депресијата ја лекуваат со лекови. Од млади до стари, сите тажни се лекуваат со апчиња. Повеќе од 7 милиони возрасни и 70.000 деца само минатата година. Со антидепресиви се лекува сè – од главоболки и мигрени, вознемиреност, панични напади, скијатика до, секако, депресија.

И политичарите почнаа да се загрижуваат поради ова масовно „дрогирање“, односно сè помасовното препишување лекови и почна соработката со научните кругови, кои подолго време инсистираат дека и обичниот добар разговор, односно комуницирањето, советувањето и психотерапиите, се исто така делотворен лек. Така, сега се планира да се издвојат 4,5 милиони фунти за да се намали притисокот врз јавното здравство и да се зголеми таканареченото „социјално издавање рецепти“ да им се помогне на луѓе што се осамени и кои страдаат од ментални состојби. Се планира да се делува превентивно, со овозможување повеќе активности, хобија, физички активности…

И – градинарството. Односно, занимавањето со бавчата – без оглед на тоа дали се одгледуваат раноградинарски производи или компири, лалињата или гладиоли, грав или бугенвилии.

Важно е да се биде во природа или со природата. Може на балкон? Може. Може и занимавање со неколку саксивчиња со растенија стратешки распоредени на работ од прозорецот, кои даваат отпор и покрај тоа што темнината на канцеларијата и градскиот смог се против нив, но преживуваат поради вашата грижа за нив.

Таканаречените алотменти што порано беа синоним на занимација на пензионери што немаат ништо попаметно па одат да садат нешто да им мине времето, станаа популарни кај лондончани, прво како место каде што може да се одгледува органска храна, но сега и како лекувалиште. Земја на рецепт. Градинарство на рецепт. Лекување препорачано од лекарите. Наместо дијазепам – да се ископа, да се окопа, да се посади, полие, залие… Добро, ова залие откако ќе се полие, евентуално, ама разбирате во што е работата.

Лекување депресија

Англичаните сакаат градинарство. Таканаречените градинарски центри каде што се продаваат расади, земја, саксии, украси (од традиционалните смешни џуџиња за во градина до мермерни водопади) секогаш се исклучително добро посетени. Традиционалниот Цветен саем во Челси го отвора кралицата, во Лондон се наоѓаат и градините Кју, каде што се собрани растенија од сите страни на светот (знам, таму ја добив најголемата алергија на полен во мојот живот) Значи, со еден збор, лондончани традиционално сакаат бавчи и цвеќиња. Но, сега им се вели дека тоа не е само за гледање и не е само за пензионери, туку за лекување депресија.

И можеби не го бараше селото во себе во Лондон мојот пријател, туку си направи некаква рамнотежа во животот. Ми објасни колку е среќен кога е на своето парче земја, кога одгледува нешто со своите две раце и кога ќе ги види резултатите од својот труд. Уште се сеќавам на вкусот – послатки патлиџанчиња немам пробано. Ама, мислам, најсреќен беше кога се врати дома.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...