На листата добитници на грантови од Фондот за иновации, покрај Анѓушев, Локвенец, снаата на Цветанка Ласкова, претседателот на ОО Кавадарци, денес се приклучува и Александар Семенпеев, советник на СДСМ во Општина Богданци, обелодени ВМРО-ДПМНЕ.
– Александар Семенпеев од СДСМ кој заедно со својот татко се сопственици на печатницата „Софија“ ДООЕЛ Богданци, доби грант од Фондот за иновации во вредност од 1.058.541 денари. Да потенцираме дека печатницата „Софија“ ДООЕЛ Богданци во повеќе наврати има печатено рекламни материјали за СДСМ. Дали можеби со овој грант се расчистуваат некои претходни изборни долгови од СДСМ кон печатницата – рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Тој го повика Јавното обвинителство да не фингира истрага туку сериозно да ги испита сомненијата за криминал со поделбата на грантови во вредност од 10,5 милиони евра.
Според него, секоја несериозност од органите на прогонот ќе биде доказ дека тие се под сериозен притисок на власта да го покријат овој огромен скандал кој што ја затресе јавноста.
– Дали по отворањето на случајот во Јавното обвинителство се одземени телефони и компјутери на вмешаните во целиот скандал, за да се проверат сомнежите дека биле во меѓусебна комуникација или се оставени за да се избришат трагите? Дали и кој посредувал помеѓу директорот на Фондот за иновации и компаниите во добивањето на грантовите? Дали се точни информациите кои кружат од блиски извори до раководството на Фондот за иновации, дека во повеќе наврати наназад со недели пред да се доделат грантовите, се сретнувале во одредени скопски кафеани и во канцелариите на Фондот, луѓе вработени во Фондот заедно со директорот и менаџментите на компаниите кои што ги добија дел од грантовите? – прашува Арсовски.