Жерновски на средби во Белата куќа, Конгресот и Атлантскиот совет на САД

161

Заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски вчера на првиот ден од работната посета на Вашингтон, имаше средби во Белата куќа, во Конгресот, и во Атлантсткиот совет на САД. Во Стејт департментот тој присуствуваше на прием за шефовите на делегации во чест на отворањето на Министерската конференција за унапредување на верски слободи, чиј домаќин е државниот секретар на САД, Мајкл Помпео, соопшти македонското МНР.

На средбите, Жерновски ги запознал соговорниците со најновите случувања во Република Македонија на внатрешен и на надворешно-политички план и информирал за клучните активности на Владата на РМ во изминатата година, кои резултираа со одблокирање на патот за европското и евро-атлантското интегрирање на земјата.

Жерновски имал одделни средби со членовите на Групата за пријателство со Република Македонија во Конгресот на САД, конгресмените Пол Мичел и Дејв Трот, републиканци од Мичиген и Брендон Бојл, демократ од Пенсилванија. Заменик министерот се заблагодарил за личната и силна поддршка на конгресмените, и повикал на натамошно засилување на сојузништвото во интерес на двете земји, на НАТО и на регионот. Жерновски побарал натамошна активна поддршка од Конгресот во претстојниот период, во насока на брзо финализирање на процесот на зачленување на РМ во НАТО.

Конгресмените ја поздравиле Спогодбата меѓу Република Македонија и Грција, како и Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија, оценувајќи ги како одлучни и храбри потези кои се значајни не само за земјата, туку и за целиот регион и претставуваат инспирација и модел за градење на добрососедските односи.
Тие упатиле силна поддршка за имплементација на Спогодбата со Грција, како предуслов за што поскоро зачленување на РМ во НАТО и ЕУ. Конгресмените ја нагласиле важноста на претстојниот референдум, истакнувајќи дека очекуваат активно учество на граѓаните на Република Македонија. Притоа, навестиле натамошен ангажман во правец на обезбедување силна поддршка на Конгресот на САД за приоритетите на Република Македонија.

На средбата во Белата куќа со заменик-советникот за национална безбедност на претседателот на САД, Мира Рикардел, била реафирмирана силната и недвосмислена поддршка на американската администрација на постигнатиот договор за решавање на спорот за името. Рикардел нагласила дека САД високо го ценат овој историски успех за кој се потребни храбро лидерство и одлучност, при што изразила очекување за позитивен исход во процесот на имплементација кај двете страни, што ќе овозможи заокружување на членството на РМ во НАТО и ЕУ.

Жерновски остварил средба и со потпретседателот на Атлантскиот совет, Дејмон Вилсон и со експерти од Советот. Соговорниците размениле мислења за актуелностите во Република Македонија и регионот, предностите и предизвиците на патот кон евро-атлантското интегрирање. Членовите на Атлантскиот совет изразиле силна поддршка за постигнатиот договор за решавање на спорот околу името, заокружување на процесот со претстојниот референдум и изразија надеж за негово брзо и ефикасно спроведување. Тие потенцирале дека е исклучително важно сите општествени чинители, власта и опозицијата, граѓанската и академската јавност, заеднички да ја препознаат значајноста на моментот и заедно да го понесат товарот на овој генерациски предизвик.

Работната посета на Жерновски продолжува со средби во Стејт департментот и во УСАИД.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...