Пожарите во Грција се трагедија, но не и изненадување

784

Куќи изградени меѓу борови, недостаток на планови за евакуација, лошо организирана пожарна и итна служба поради мерките за штедење – страшните пожари оваа недела околу Атина можеби ги изненадија Грците, но не и експертите, пренесува ХРТ.

Најмалку 81 лице загина во пожарот што избувна во понеделникот вечерта, па на грчката влада на премиерот Алексис Ципрас ѝ се поставуваат прашања како можеше да се дозволи да дојде до таква трагедија.

Според експертот за шумарство, Никос Бокарис, регионот во кој е селото Матиа ги исполнуваше сите услови за катастрофа од библиски пропорции.

Бокарис нагласува дека ова било неизбежно поради куќите кои се набутани меѓу борите, од кои некои немаат ниту пристапни патишта. „Боровите се стари, многу високи и широки, а тоа е сѐ гориво за ширење на пламенот. Така се создава огромна топлинска маса“ изјави Бокарис за АФП.

Грција доживува жешко лето, а ветровите дуваат и до 100 километри на час, носејќи го огнот низ шумите што се „суви како барут“.

Премиерот Ципрас рече дека временските услови придонесоа за огнената стихија, со што до некаде се согласува Костис Каламбокидис, експерт по географија и природни катастрофи.

– Сосема ни е јасно дека климатските промени создаваат се поекстремни временски услови – вели Каламбокидис и продолжува: „Истите работи ги гледаме и во Калифорнија … дури и во земјите кои се добро опремени за борба со огнот, заканата што го создава градењето на урбани средишта во шумите е огромна“.

Иако експертите се согласуваат дека до пожари од такви размери најверојатно доаѓа најмногу поради климатските промени, Ципрас игнорирал многу важен елемент. „Превенцијата“, истакнува Кристијани Теохари, експертка за животна средина. „Уморни сме од постојаното повторување, а ништо не се менува“.

Таа вели дека добро огласен план за евакуација можел да го намали бројот на жртвите во Матиа. Неколку жртви останаа заглавени во автомобилите поради сообраќајниот метеж што се случил кога испаничените жители и туристи се обиделе да избегаат.

На катастрофата ѝ придонесоа и бројни други фактори – сведоци зборуваат за хидранти кои не работеле и за обраснати градини и дворови, како и за високите и широки дрвја кои ги допирале покривите на куќите.

Бокарис истакнува дека мерките за штедење што беа воведени по грчката должничка криза во 2010 година доведоа до запуштање на службите за итни случаи. „Пожарот не чекаше кризата да заврши, но сосема е сигурно дека намалувањето на распределбата на јавните услуги не помогна“, рече Бокарис.

Ова го потврдува официјалната статистика – грчките пожарникари имаа буџет од 354 милиони евра минатата година, наспроти 452 милиони евра во 2009 година.

Лошата свест на јавноста за опасностите од пожар и неподготвеноста на локалното население дополнително ја зголемија штетата во Матиа. Еден од преживеаните вели дека „никогаш не помислувал“ дека пожарот може да стигне до селото.

По катастрофалниот пожар во кој загинаа 77 лица на островот Евија, Грција почна да инвестира многу повеќе во пожарните служби кои беа премногу зависни од воздушната помош.

„На крајот, не знам кој или што не функционирало, но според исходот не беа успешни“, заклучи Бокарис.

Подготви: А.Ј.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...