Во времето на „еднопартиското едноумие“ на властите не им било мило кога весниците навистина би си ја работеле својата работа, избегнувајќи ги важните информации и интересните, нестереотипни мислења: многу мило им било да гледаат мртвородени „билтени“; практично со „стомачна“ одбојност реагирале на таквата глупавост, типично за стерилен „комитетски ум“, па интересно би било да го цитирам најголемиот сатиричар Владимир Булатовиќ Виб, кој е роден во Македонија, Сопотско, селце што припаѓа на Општина Ресен и место во кое неговата мајка била учителка: „Ги прашал билтенот билтените: Колку денес кретени направивте?“
Хистерична шареноликост
Времето, пак, на денешната фамозна „демократска транзиција“ е сосема поинакво од времето и терцирањето на мрските „другари“ кои во сиви листер-одела внимавале да нема никакви „бранувања“, тој најголем душман на вонисториското мртво море, тој „најсовршен систем на сите времиња“ (а зошто пак да не: имавме најсовршена фонетска азбука, најголема морска површина, го имавме најголемиот син на овдешните народи и народности…): денес не само што „шарени“ и sвецка по трафиките, туку, братко, „вреска“! Пожелно е човек да носи заштитни очила кога ќе му приоѓа на „куповниот објект“.
Програмираното сивило денес го заменија со хистерична шареноликост; тоа што порано беше „билтен“, денес е „таблоид“. Би можело слободно да се каже дека сè се промени само за да остане „навласт“ исто, па така, добриот вкус се уништи или „добриот вкус“ стана уште полош!? Заедничкиот именител и на билтените и на таблоидите им е дека „не се весници“, а што се – е, тоа е тешко да се каже. Во секој случај – секој на свој начин и во свое време – пренесуваат глупости како еден вид габично заболување. Или, пак, ја пренесуваат преку воздухот како еден вид колера. Оти таблоидот како и неговиот рахитичен претходник – билтенот, ѝ е потребен само на „среќно ретардирана публика“, овој пат онаа што ќе го купува тоа „сензационално и скандалозно откровение“ и ентузијастички ќе учествува во неговата малограѓанска хајка на сè што е различно од доминантната општествена матрица. И оној славен афоризам на Владимир Виб би можел да се парафразира или би можел да добие свој „транзициски“ appendix, кој би можел да гласи: „Ги прашува таблоидот таблоидите, колку монголоиди денес направивте“?
Во „регуларни“ демократии и земји со висок цивилизациски стандард – таму бре кајшто „се знае ред“, а демократските институции се повеќе од стабилни – оваа системска таблоидизација уште е некако поднослива („кучињата си лаат, карванот си проаѓа“), но во нашата земја таблоидниот полусвет лудачки учествува во бербатење на секој еден само како би можел и денес да вреска на подобриот од себе, само кога би му се укажала шанса. Зборувам, се разбира и за времињата кога главите на луѓето им се тркалаа по земја, додека џелатите терцираа – а неретко и „типуваат“ на следните потенцијални жртви – бесрамници што преку порталите и весниците сакаа да рекетираат, заплашуваат, создавајќи производство на зло како и слаткоречиви оправдувања за истото. И, да се разбереме, таа приказна сè уште не е завршена: тоа денес во Македонија трешти и „бешти“ од разни портали, што ми дава за право да помислам дека денес задоцнува, односно „стагнира или се ретардира реформскиот процес“ на Владата на Македонија.
Опскурниот „Мактел“
Поентата со весниците и порталите е да помируваат, да пацифизираат; да се обидат да проникнат во јавниот интерес, а не да дерат глави или, не дај боже, да пресудуваат на лица, здруженија или на оние малкумина честити што се на другата страна од тоа врескање и урлање. Затоа што, по ѓаволите со нас, тоа веќе го имавме во минатиот режим. Имено, поводот за овој текст е „вкупната состојба на духови“ во денешна Македонија, а примерите се безбројни и секојдневни. Па сепак, срамното дерење по Владимир Милчин и по Бранко Героски, дерење по-прашина-и-интернет асфалт, овие денови како што им приличи на опскурните интернет-портали, на чело со порталот Мактел – воскреснат во многу перверзна варијанта – точка што мора да се потенцира затоа што гласините велат дека тоа е портал што има владини задолженија; ги испишувам овие редови колку да ја потенцирам нејасната идна намера за некои други портали, кои евентуално би се осоколиле и би почнале да дерат по други луѓе.
Па, според тоа, Бранко Героски и Владимир Милчин ја критикуваа владата на Заев на начин како што честито вреди да се критикува. А филистарските кругови „ѝ дојавија“ на Владата преку Мактел порталот, а прашањето што следува е: што е тоа што толку страшно ја погоди Владата од критиката на Милчин и Героски, па ќе се обидам да ја парафразирам: „Валкани се градските улици, гнасен е воздухот, оневозможен е секојдневниот живот од криминал и корупција. Градите на луѓето се заразени од предрасуди, а фантазијата е затруена од евтина медиумска презентација. Низ ѓубрето и валканиците, во срцето на космичкиот неред, во некоја скриена, посредна форма се одвиваат фрагилни процеси на самоуништување. Дури ми се пристори дека мојата работа е во суштина чистење“.
Или со други зборови, им вели Героски, им вели Милчин на владините трабанти дека треба еднаш конечно да излеземе од самата идеја и потреба за клоака, да излеземе од таа нарација во која на толку многу луѓе им годи, па затоа страшно се лутат, се лутат дури и на тоа кога некој трезвено ќе ги предупреди за состојбата во која „глодаат“.
Град на Јанчев
Од друга страна, фер би било да потенцираме една друга реалност, односно еден друг град што не е Скопје. Кавадарци е град на Митко Јанчев, се разбира, во симболичка смисла. Кавадарци наголемо се чисти, уредува, работите се доведуваат во ред поради хаосот од претходниот опскурен градоначалник. На површина излегуваат – барем во најава – многу вредни уметници, луцидни интелектуалци, добри книжари, прекрасно кино „Каос“, одлични ресторани и ноќен живот. И за тоа – според мој вкус – премалку се пишува. Без разлика колку ова да звучи патетично, Кавадарци овие денови на чело со Митко Јанчев е Њујорк од времето на „новиот бран“, Кавадарци овие денови е Сан Франциско од „лето на љубовта“, Кавадарци овие денови е Париз од шмекерско-шминкерските денови на оние „црни ролки“ или Мадрид од алмодоварските „мовиде“.
Моите пријатели и јас сакаме оваа егзалтација околу Митко Јанчев да ја доведеме во врска со нашата реалност. Но, и тоа е во ред: и тоа е легитимен и драгоцен поглед на Другиот, токму онака како што ние бевме некои Други во времето на груевизмот. Човекот за Кавадарци се труди како ретко кој од поновата кавадаречка историја. Човекот очигледно е современик, сака да ги припитоми, да ги пацифизира сите конфликти во овој град само како би можел секој еден да си го најде своето место, така како што доликува за едно малечко и – уредено гратче. Не постои кавадарчанец што нема да ви рече дека Митко Јанчев е најдоброто нешто за Кавадарци. Очигледен е ентузијазмот и белегот што сака да го остави во сите сфери од живеењето: културното, политичкото, бизнис-инвестициското, меѓучовечко, хуманистичкото…
И што треба сега (според логиката на доминантната матрица „во најава“?): да го екскомуницираме Јанчев затоа што е од „друга“ партија според владините порталчиња? Треба ли да ја злоупотребиме сета жртва и труд, сета волја за убав град „во најава“ да се уништи само како би можел оној Ековски „секојдневен фашизам“ да продолжи со својата децениска оргија? Нема да им дозволиме. Не повторно!
(Објавено во „Слободен печат“)