Летото 1963 се спремав да наполнам 15 години и од есента да почнам средно во Женската Гиманзијата (тоа име ѝ остана од порано) сега гимназија „Јосип Броз Тито“, што беше една чудна полукружна зграда. Блиску до неа беше дрвеното мовче накај Народниот театар, но не се сеќавам дали беше поправено зашто ми се чини дека поплавата во есента 1962 го однесе. Десно накај плоштадот беше пасажот и многу потаму Домот на ЈНА.
Татко ми беше директор на Македонските железници или веќе како се викаа во тоа време. Мајка ми работеше во Пионерскиот дом Карпош, на улица Илинденска, на стотина метра од нашата куќа на Орце Николов 86. Сестра ми беше завршила четврто одделение. Јас бев вљубен во едно девојче што постојано свиреше на пијано и живееше на Ленинова блиску до денешен „Деус“. Во долгите летни вечери, со Трпе, Љупчо, Џоџа и други деца од соседството, игравме фудбал на мали голчиња на терасата на 5-6 катницата од спротива на нашата куќа. Полувреме беше, на пример, кога едниот тим ќе даде 20-30 голови.
Баба ми Павлина беше во Врњачка бања на летување.
Вечерта на 25 јули сестра ми Биљана ме замоли да спијам во нејзината соба за да и читам или да и раскажувам нешто.
Земјотресот на 26 сабајлето нѐ исфрли од креветите. Предметите летаа по собата, малтер паѓаше од сите страни, во кујната се кршеа садови и библиотеките се уриваа, а во шпајзот, на мајка ми џемовите од кајсии, заостанатите тегли со слатка и сѐ друго се кршеа. Една голема машина, незамислива за нашето дотогашно сознание, го мелеше Скопје. Звукот на сите бетони, железа, цигли, кинењето на земјината кора и огромна прашина го исполнија нашиот стан на првиот кат. Тој звук можам да го слушнам и денес ако затворам очи. Мајка ми и татко ми дотрчаа и сите се собравме под рамката на вратата прегрнати немајќи време да мислиме за што се работи. Траеше бесконечно долго, и имав само една мисла: да прекине, да се заврши што и да е ова. Подоцна дознав дека земјотресот траел 47 секунди. Дури кога запре тресењето, татко ми рече „Земјотрес, одма надвор“, бргу се стрчавме по чевлите. Во мојата соба дел од ѕидот и една голема библиотека со тешки книги беа паднале на мојот кревет. Ако спиев таму, не верувам дека ќе преживеав. Истрчавме надвор, без јасна цел каде би оделе.
Куќата од спротива, каде игравме фудбал, беше урната на половина/кујните и балконите пред нив беа останати, внатрешноста на купатилата се гледаше зашто беа полуурнати, а скалите и спалните и другите станови беа сега еден огромен куп шут и дим. Двете други куќи од лево беа комплетно урнати. Една комплетно неверојатна слиа.
Луѓето се оправаа од шокот и почнаа да ги бараат преживеаните. Оперскиот пејач познат по своето шик облекување, беше истрчал по гаќи, мајка му на мојот другар беше во проѕирна најлон спаваќа (така се викаше тогаш). Јасно беше дека има многу загинати, возрасните почнаа да се качуваат по урнатините, ние стоевме на сред улица за да не нѐ поклопи нешто друго. Чекавме, всушност, земјата да се отвори и да нѐ проголта.
Луѓето од зградата од спротива, со урнатите скали и пола зграда, стоеја на балконите и викаа за помош. Ни до ден денешен не знам како ги спасија. Татко ми рече одете во парк, некаде околу споменикот или кафеаната…
Тој трчајќи отиде на работа да види што е со железничката станица и да го организира железничкиот сообраќај. Го видов дури после неколку недели повторно. Неговата канцеларија беше десно од големиот часовник, на вториот кат последните 1,2 прозорци. Стои до ден денешен.
Со мајка ми, отидовме до парк… многу бргу се појави камион со ќебиња, друг камион со тазе печен леб што најнапред го делеа а потоа мораа да го фрлаат во толпата која хистерично се бореше за секое парче. Дрмаше постојано.
Девојчето со пијано, во кое бев вљубен, го најдоа загинато. Мојот врсник, братучед ми Зоран го најдоа загинат во зграда каде сега е гаражата зад Универзална сала, чичко ми Кочо, стрина ми Софка и помалиот син Љупчо ги спасиле соседите, зашто живееја на еден од најгорните катови па попрво можеле да ги извадат. Кочо имаше скршена карлица и други повреди, го оперираа во американската воена болница во Куманово, која никна истиот ден, или утредента по земјотресот. Софка мислам дека имаше некои озбилни расекотини и други повреди, а за Љупчо не се сеќавам. Моето школо „Коле Неделковски“ требаше да се сели во нова зграда кај паркот, но новата зграда падна до темели. Игралиштата и можеби салата зад ресторанот „Софка“ се дел од неа. Мојата гимназија ЈБТ во која не ни влегов, се урна. Народниот театар кај неколку години пред тоа почнав да пробам во хорот на морнарчиња во операта Ѓоконда, беше полуурнат и напукнат.
Татко ми и неговиот возач Здравко со службеното авто „мерцедес 190“ го однеле братучед ми и самите го погребале. Никогаш не го прежаливме.
Утредента некако нѐ испратија сестра ми Биљана и мене кај нашиот роднина Јанко во Гостивар и таму останавме најмалку месец дена. Моите живееја во колективни шатори во парк, во влага и кал, таму ја поминаа зимата.
Прва година гимназија запишав во 6 београдска гимназија, сестра ми во осмолетка, живеевме со баба ми Павлина на Здравка Челара 14 во интернатот на средното железничкото училиште. Мислев дека сум на сигурно и кога удри еден земјотрес во Белград, цел клас се сврте кон мене и јас реков, како експерт за предметот – тоа е земјотрес и со класот спраштивме по скали од вториот кат.
Земјотресот го одбележа мојот живот, влијаеше на мојот карактер, на моето разбирање на светот. Дури многу подоцна ќе пристигне и во Македонија една професија/психотерапевт, психолог, ама ние, преживеаните од земјотресот, таква помош никогаш не добивме.
Мајка ми имаше едни прекрасни црни војнички чизми што ѝ ги дале кога била учителка на 18 години, 1944 во ослободеното село Мралино, Скопско, многу ги сакав, но тие останаа на Орце Николов 86. Кога дојде помош од цел свет за нашето Скопје, од Мексико дојдоа едни прекрасни црни чевли, што ме потсеќаа на чизмите на мајка ми. Добив еден пар, но за жал, мали ми беа, и такви останаа секогаш кога сакав одново и одново да ги облечам.
Постојано, до денешен ден се враќам во тој дел на Скопје, во „Круг“, во „Деус“, во „Џубокс“ порано, во „Каза“, и таму сум дома. Станот во кој живеевме си го земаа газдите назад, а пред некое време чув дека го купил еден екс претседател на скопски суд.
Денес се 55 години од земјотресот, моите сеќавања за 26 јули 1963 како ги паметам денес, 2018, така и ги раскажав.
Виена, ноќта од 25 на 26 јули 2018