Можев да одам да си го спасам домот, но останав таму каде што требаше да останам, вели во разговор со дописничката на МИА од Атина, Евангелос Бурнус, градоначалникот на Рафина, кој од првиот момент, заедно со вработените во општината помагаше во гаснењето на шумскиот пожар, додека неговиот дом гореше, а неговото семејство речиси 7 часа заедно со околу 700 други граѓани, на плажите, чекаа помош по морски пат.
Градоначалникот на општината погодена од катастрофалните пожари во понеделникот вечерта, за МИА вели дека бројот на загинати ќе достигне до 100.
Господине Бурнус, каква е сега ситуацијата во населбите зафатени од пожарот?
-Ги обновивме јавната инфраструктура, водоснабдувањето, продолжуваме со струјата, пуштена е струја на улиците, дополнително ќе се пушти и во домовите што каде што беше во прекин снабдувањето со електрична енергија, ги чистиме улиците, за сите луѓе обезбедивме кров над глава, обезбедивме храна, медицинска нега, психолошка поддршка и ги планираме следните чекори за да го направиме она што е потребно за ја средиме областа.
Бројот на загинати континуирано се зголемува, а не е познато колку лица се исчезнати. Имате некаква информација околу бројот на лица на кои им се губи секаква трага?
-Во некој момент, двете листи, листата со загинати и листата со исчезнати ќе се комплетираат и ќе се идентификуваат лицата. Ќе видиме. Бројот ќе биде голем. Мислам дека ќе стигнеме до околу 100 загинати.
Уште од самиот почеток, вие бевте во првите редови во опожарените делови, која беше сликата што ја видовте?
-Видов многу голем пожар, со многу силен ветер, со неверојатно голема брзина, со големо жариште. Во еден момент ветерот го смени правецот, а кога го смени правецот, не можевме да се спасиме.
Ако не грешам, изгоре и вашиот дом…
-Да.
Вашето семејство се спаси?
-Да. Сите се добри, избегаа. Беа спасени по морски пат, по 8 часа, заедно со други, скоро 700 лица. И јас сум еден од оние кои беа погодени од пожарот.
Вие каде бевте? Не бевте со вашето семејство?
-Јас бев со службениците од општината во гаснењето на шумскиот пожар. Не отидов кај моето семејство. Можев да одам да си го спасам домот, но останав таму каде што требаше да останам.
Според вашето мислење, што навистина се случи? Која е причината?
-Сега не е време за такви прашања. Сега приоритет имаат луѓето, тоа подоцна ќе го решиме.
ФОТО: Твитер