Дали Милошоски денес ќе му даде збор на Димитров?

806

Во Собранието на Република Македонија денеска треба да се одржи седница на Комисијата за надворешни прашања на која министерот за надворешни работи Никола Димитров траба да има излагање за остварување на меѓународната политика.

Комисиската седница првично беше закажана за вчера, но и по два обида да започне, беше одложена откако претседателот на Комисијата, Антонио Милошоски, побара пратениците кои имаат безбедносни сертификати да ги добијат класифицираните материјали што како Комисија ги побарале и ги добиле од Претседателот на РМ. Според него, тие се многу битни и значајни за надворешната политика и се однесуваат на ставовите на власта и министерот за надворешни работи во врска со преговорите за името со Грција, што е точка на дневниот ред.

Милошоски ги обвини власта и претседателот на Собранието Талат Џафери дека забраниле овие материјали да бидат доставени до пратениците и оти тоа говори дека се обидуваат нешто да скријат. Тој потенцира и дека материјалите се однесуваат на две средби што се одржале кај претседателот на државата во врска со преговорите за името со Грција во јануари и во мај, на кои како што рече, министерот имал различни ставови. Воедно, најави дека седницата ќе почне откако материјалите ќе бидат доставени до членовите на Комисијата.
Министерот Димитров, кој немаше можност да говори пред Комисијата, пред медиумите истакна дека во сите преговори има и преговарачки тактики, има позиции, но оти нема намера сега да говори за тоа за да не му наштети на целиот процес и постигнатиот Договор.
– Ние сме во еден деликатен процес. Сѐ што ќе излезе во нашата јавност ќе се пренесе и во грчката јавност и таму може да им ја отежниме работата и за мене е многу поважно процесот да успее и да има резултат отколку јас денеска да излезам победник, а сите да излеземе поразени по крупната тема – рече Димитров додавајќи дека ќе дојде време кога ќе се декласифицираат сите работи.
Тој додаде дека за тоа како се води надворешната политика говорат постигнатите резултати, патоказот за ЕУ, поканата за членство во НАТО, постигнатите договори со Бугарија и Грција, како и посочувањето на Македонија од меѓународната заедница како светол пример во регионот.
Претходно, на почетокот на седницата пратениците од власта ги обвинија Милошоски и опозицијата дека со неделовнички потези прават театар за да го тргнат вниманието од состојбите во паријата. Тие им порачаа доколку сакаат навистина дебата, да закажат посебна седница на која ќе разговараат отворено и контруктивно.
На денешната седница своите платформи за дипломатски активности ќе ги презентираат и четворица новоименувани амбасадори на Република Македонија во Кралството Норвешка Серџим Мухамед, во Република Полска Васил Пановски, во Црна Гора Михајло Трпкоски и Александра Миовска во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...