Скопје во светската историја

Како и да е, покрај бројните архитекти кои се вградија себеси во тоа Скопје, ставајќи го на светската мапа на модерните градови, ова признание Скопје го должи на заложбите, знаењето, трудот на тројца млади архитекти: Владимир Десковски, Ана Ивановска – Десковска и Јован Ивановски, кои како група веќе неколку години ја (до)истражуваат архитектурата на Скопје.

506

Ние тоа многупати сме го покажале и докажале, на сопствена штета, наша и на идните поколенија. И на штета на нашата историја, се разбира, од која што сме избришале редица вредни остварувања само и единствено поради глупоста на поединци, поради алчноста на групи и „политики“, поради неморал и криминал. Еден селски, попрво маалски „философ“, не така одамна за да заборавиме, се дрзна, а за да им се допадне на политичките газди, прво, да го прогласи Скопје за касаба, а понатаму да ни ги пренесе мислењата на некои „негови странци“ – веројатно еднакво прости и глупави како и тој – дека „главната пошта“ ни била „откачена“, ГТЦ бил незнамшто … па дури и дека во постземјотресно Скопје „секакви архитекти (светски и белосветски)“ си нашле „жив, реален простор да експериментираат“ (sic!), итн.

И тоа беше као стручно-философски вовед во вулгарната идиотштина што ни ја подготвуваа неговите политички газди, денес низ целиот свет позната како „Скопје 2014“ – медиокритетски „проект“ што едноставно збриша половина од модернистичкото централно градско подрачје, а другата половина ја пресоблече во ним као разбирлив псеудобарок и квазинеокласицизам. А по „философот“ следеше редица полуписмени македонски „интелектуалци“, дури и архитекти – или „архитекти“, како подобра варијанта – кои не се дрзнуваа ни уста да отворат пред налетот на современите варвари, за да набргу и тие, заслепени од лукративните пориви, зацапаат во калта на неморалот и одбраната на неодбранливото.

Сосема ретки и некако воздржани (да не речам плашливи) ни беа реакциите контра варварите. Имаше и зошто: со криминалци заседнати на клучни државни позиции тешко се излегува на крај. Дури, после целосното уништување на еден од архитектонските бисери на градот – „Зградата на ЦК“ на Муличковски – се чинеше дека Скопје е заборавено од сите, овој пат засекогаш. Џабе беа сите протести и укажувања за вредностите на објектот.

За среќа, некогаш – не секогаш! – другите цивилизирани народи се навраќаат на светските вредности (пре)откривајќи ги за новите генерации, но и за старите, оние плашливите кои не умееле да си ги сочуваат белезите на нивниот живот и култура. Тоа се случува сега за Скопје, за Македонија, па и за Југославија и нејзината архитектура, во културното јадро на Њујорк – Музејот МОМА – со изложбата насловена „Toward a Concrete Utopia: Architecture in Yugoslavia, 1945-1980“.

Организирана од кураторски тим предводен од Мартино Стерли (главен куратор за архитектура и дизајн на МОМА), изложбата за прв пат му го претставува на светот дострелот на Југословенската повоена архитектура преку извинредните дела на водечките југословенски архитекти од тоа време (Равникар, Рихтер, Богдановиќ, Неихарт, Мушиќ и др.). И, се разбира, едно од централните места, помеѓу останатото од Македонија (макетата на објектот на Македонската опера и балет, фотографиите на „Македониумот“ на Јордан и Искра Грабул и др.), зазема и „метаболистичкиот дизајн“ на постземјотресно Скопје на маестро Кензо Танге, кое што светот го препознава како ремек дело а не како простор за експериментирање на белосветски архитекти.

И на Скопје, и нам, ни требаше едно вакво високо признание, како впрочем и на целата поствоена југословенска архитектура, дефинирана како „манифестација на радикална различност, хибридност и идеализам што ја карактеризирале и самата југословенска држава“. Факт е дека Скопје не успеа докрај да го реализира „футуристичкиот“ концепт на Танге. Прашање е и колку тој концепт беше пошироко разбран (особено од постарите генерации), и како, и дали можеше традиционалниот скопјанец да се носи со една таква целосно нова „приказна на живеење“ за неговиот град. Да премине од дотраените главно приземни куќички во нови облакодери, да се дислоцира од „центарот“ во приградските населби што му наложуваа сосема нови секојдневни навики. Но, факт е дека младите генерации кои што растеа со тоа модернистичко Скопје едноставно – го сакаа! Тоа беше нивен нов, европски, светски град во срцето на Балканот. Додека не дојдоа варварите!

Како и да е, покрај бројните архитекти кои се вградија себеси во тоа Скопје, ставајќи го на светската мапа на модерните градови, ова признание Скопје го должи на заложбите, знаењето, трудот на тројца млади архитекти: Владимир Десковски, Ана Ивановска – Десковска и Јован Ивановски, кои како група веќе неколку години ја (до)истражуваат архитектурата на Скопје. Што ќе рече дека зад сите големи успеси (кај нас) најчесто стои поединецот – или групата – а поретко институциите.

Во случајов, иако и Скопје и Македонија имат „звучни“ институции кои што би требале да бидат токму промотори и на вакви наши презентации (односно особено на вакви, а не на сите будалаштини што ни ги сервираат во нивните простори!), иницијативноста, упорноста, знаењето остануваат кај поединецот. За жал, или дури и за среќа. И добро е што сѐ уште имаме такви млади луѓе кои (повторно: сѐ уште) се подготвени да се фатат во костец со сета наша малограѓанштина, неукост, незнаење, неинвентивност … а во интерес на некои повисоки цели! Ако ништо повеќе Скопје би можело да помисли (барем) за некаква награда за овие луѓе. Зашто, ако не повеќе, институции како МОМА ја пишуваат светската историја на уметноста, на архитектурата, на дизајност – минатата, сегашната, идната. А Скопје, денес, веќе е таму, благодарејќи токму на овие луѓе!

(Преземено од Теодосиевски уметност)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...