Сеќавање на скопскиот земјотрес со аудио акција во 5:17 часот

144

На пет различни локации низ главниот град утре во 5:17 часот ќе се спроведе аудио-уметничка акција во траење од една минута „Разбуди се Скопје“, која треба да ги потсети граѓаните на точното време на катастрофалниот скопски земјотрес од 26 јули 1963 година.

Со акцијата ќе бидат опфатени Музејот на современа уметност, Музејот на Град Скопје, Градскиот трговски центар, Порта Влае и едно озвучено возило ќе се движи по булеварот Партизански одреди. Возилото ќе тргне во близина на Соборниот храм и ќе се движи по Партизанска. Годинава ќе биде опфатен само еден дел од Скопје, од 60 до 80.000 жители.

Организатор е групата која ги прави урбаните уметнички акции низ Скопје и работи во рамки на Центарот за современи уметности.

– Идејата на оваа акција е на еден можеби и помалку груб начин да се потсетат граѓаните на Скопје на трагедијата и да се додаде една нова димензија на јубилеите на земјотресот. Сметаме дека ова традиција на будење на градот на 26 јули која од 1964 па сѐ до раните 90-ти постоеше во Скопје претставуваше извонреден начин на потсетување на граѓаните за жртвите на катастрофалниот земјотрес, кој скоро во целост го уништи градот и го измени неговиот лик, но и го трасираше патот кон модерно Скопје – велат организаторите на акцијата за МИА.

Организаторите смета дека ќе внесат нова димензија во одбележувањето на скопскиот земјотрес и оти ќе ги потсетат и градските власти за потребата од поправање и ставање во функција на системот на градските сирени за цивилна заштита кои, според нив, треба секој модерен град да ги има.

Според нив, Скопје би требало да ја продолжи традицијата која опстојуваше повеќе од 30 години и треба секоја година градот да се буди со звукот на сирените кои оддаваат почест на жртвите на земјотресот.

– Сметаме дека на овој начин, со влегувањето на звукот во домовите на скопјани и будењето на граѓаните во 5:17 часот, на најдобар начин кај секој скопјанец ќе се вреже сеќавањето на земјотресот, трагедијата и жртвите кои нема да бледеат од генерација до генерација. Секој што ќе го чуе звукот на сирените и барем за момент ќе се потсети на трагедијата од 63 во својата меморија ќе го вреже датумот 26 јули – изјави организаторот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...