Влада: Шест милиони денари помош за справување со пожарите во Грција

371

Владата на Република Македонија на денешната седница донесе одлука да испрати финансиска помош во висина од шест милиони денари до Владата на Република Грција за справување со катастрофалните пожари што овие денови ја зафатија пошироката околина на главниот град Атина.

Дополнително, Владата донесе одлука да формира координативно тело кое на дневно ниво ќе ја следи состојбата и ќе координира соодветна хуманитарна помош, што ќе се договори како потреба со надлежните институции во Грција и со градот Атина.

Владата денеска донесе одлука за финансиска помош во иста висина, од шест милиони денари, да биде испратена и до Владата на Јапонија за поддршка во справувањето со последиците од земјотресот што неодамна ја погоди оваа земја.

На денешната седница Владата  ги задолжи Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Кабинетот на заменикот на претседателот на ВРМ задолжен за економски прашања и Министерство за економија, да ги достават до Секретаријатот за европски прашања првите верзии на акциските документи за спроведување на ИПА 2019 Програмата, најдоцна до крајот на септември 2018 година.

Владата на својата седница денеска ја разгледа и информацијата за листата на државни проекти за претстојните повици за Техничка помош и инфраструктурни грантови преку инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан која обединува финансиски средства од повеќе фондови.

Бeше усвоена и измената на Предлог програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2018, заедно со предлог Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања.

-Со оваа програма и со новата уредба, кои се предложени заради воведување на нова подмерка – Директни плаќања за откупена пченица од род 2018 од домашно производство, се очекува остварување на договорениот откуп на произведената пченица од род 2018 година и ќе се подобри конкурентноста на домашната мелничка индустрија – се вели во владиното соопштение.

Владата ја усвои Информацијата во врска со можните решенија за транспонирање на Регулативата 347/2013 за трансевропска енергетска инфраструктура.

Усвоена е и Информацијата за вториот Извештај на ГРЕКО за усогласеност на Република Македонија – четврт круг на евалуација – на тема: Превенција на корупцијата кај членовите на Собранието, судиите и јавните обвинители за периодот 2013-2015 година, и го задолжи Шефот на Делегацијата на Република Македонија во ГРЕКО да подготви Акционен план за имплементација на преостанатите препораки од четвртиот круг на евалуација и истиот да го достави до Министерството за правда во рок од 10 дена од усвојувањето на оваа Информација.

На денешната седница е разгледана и усвоена „Информацијата за Национален план за управување со квалитет во јавниот сектор во Република Македонија за периодот 2018-2020 година“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...