Ние сме мошне заинтересирани да успее дипломатијата што во овој момент е во тек, вели американскиот амбасадор во Грција во однос на разговорите за името меѓу Македонија и Грција.
Говорејќи на панел дискусија во рамките на Економскиот форум во Делфи, Грција, Џефри Пајат, рече дека најдобриот начин да помогне е да не шпекулира премногу околу процесот и перспективите, јави дописникот на МИА од Атина.
– Она што би го кажал е дека е многу јасно за САД дека и двете страни, грчката влада и владата во Скопје ова го гледаат како момент за можност во смисла на тоа, ова прашање да го остават зад себе – рече американскиот амбасадор.
Џефри Пајат, одговарајќи на прашање на панелот објасни дека САД се загрижени за реалното руско влијание на Западен Балкан, а руското влијание е дополнителен поттик за Америка да работи и да инвестира за задржување на европскиот и евро-атлантскиот напредок на земјите од регионот.