Во рамките на манифестацијата „Зборува Скопје“ денеска почнува Рута на солидарноста, односно панорамско разгледување на Скопје.
Денеска ќе има две бесплатни рути, во 11 и во 17 часот, а граѓаните ќе имаат можност со автобуси панорамски да го разгледаат Скопје со фокус на случувањата поврзани со катастрофалниот земјотрес во 1963 година.
Поаѓање е од местото каде што е родена Мајка Тереза паркчето пред зградата на ЕВН на плоштад, а оттаму автобусот ќе се движи покрај Старата железничка станица, па кон населбите Тафталиџе 1 и 2 (населби изградени со помош на светската солидарност), ќе се помине покрај улиците (Варшавска,Прашка, Лондонска,Осло, Хелсинки..) преку Московска по булеварот Партизански одреди ќе се поминува спроти поликлиника Букурешт (подарок од Романија), како и покрај местото на уништените блокови во Карпош 2, па покрај Универзална сала (подарок од Бугарија), блоковите од Градски ѕид (проект на архитектот Кензо Танге), па покрај стариот театар и околу зградата на МОБ (за скопјани се уште позната како МНТ). Турата завршува повторно на плоштад кај родната куќа на Мајка Тереза (платото пред зградата на ЕВН).
Оваа прошетка ја организираат ЈСП Турс, ЈСП Скопје и Град Скопје во рамките на манифестацијата „Зборува Скопје“.
Турите ќе се изведат со професионален туристички водич, а покрај денеска ќе се реализираат и на утре и задутре (25 и 26 јули), во истите два термини – 11 и 17 часот. Денешните двете тури ќе бидат бесплатни, а за преостанатите цената на билетот ќе изнесува 150 денари.
Манифестацијата која почна вчера, а ќе трае до 26 јули со низа настани ја одбележува 55- годишнината од земјотресот во Скопје. За утре се најавува изложба во КИЦ, а централниот настан ќе се одржи во галеријата Графити во ГТЦ (кај автобуската постојка) во 20.30 часот со краткометражен филмски колаж на Дина Дума, театарски перформанс на Билјана Радиноска и музичка програма. Во 22 часот концерт на Mammoth &Yashem, концерт на Тодор Караколев, импров сесија со музичари од новата скопска сцена.
Вчера, во рамки на „Зборува Скопје“ на источната страна од Музејот на град Скопје беа вратени буквите од пораката на Тито за солидарноста.