Ахмети и Мицкоски на прв состанок

357

Актуелната политичка и економска состојба во Македонија, реформите, спорот за името и односите меѓу власта и опозицијата, ќе бидат некои од темите на денешната прва официјална средба на лидерот на ДУИ Али Ахмети со новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Мицкоски завчера рече дека очекува средбата да биде успешна.

-Тоа ќе биде наша прва официјална средба откако сум јас претседател на ВМРО-ДПМНЕ иако веќе имавме неколку средби, најпрво во Клубот на пратеници, па една полуофицијална средба заедно со претставници на меѓународната заедница. Се договоривме да се видиме и еве, таа средба ќе се оддржи во сабота. Ќе се обидеме да дискутираме за реалните проблеми, за актуелната политичка и економска ситуација во државата – изјави Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ, додаде, има свои факти и аргументи за многу прашања за подобрување на животот на граѓаните кои ќе ги презентира на средбата.

– Ќе видиме како ќе ги презенитраме тие факти и аргументи во насока на подобрување на квалитетот на животот на граѓаните зашто тоа е основна и елементарна цел на нашето политичко делување, моја како претседател, но и на раководството на партијата – како од оваа земја да направиме подобро парче за живеење. Тоа е нашата основна цел. Гол популизам и ниски страсти нема да практикуваме – истакна Мицкоски.

На средбата не се очекува да стане збор за законот за јазиците, зашто, како што изјави синоќа на телевизиска дебата Артан Груби, тоа за ДУИ е завршена работа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...