Се случи тоа што подолго време се наѕираше. Мицкоски ја истера агендата докрај, го дотолчи политичкиот дијалог и му нанесе тешки штети на македонскиот од кон европската иднина.
Сите процени на карактерот на Мицкоски и кликата околу него, предвидувањата, анализите и предупредувањата се докажаа како точни, особено по неславниот распад на серијата Лидерски средби. Овие денови увидовме многу сличности меѓу Груевски и Мицкоски. Веројатно сега Мицкоски потскокнува од радост и разнеженост за оваа споредба, за која веднаш морам да кажам, се однесува на ниски морални и политички вредности.
Да се потсетиме… Во текот на преговорите во Пржино, Груевски се однесуваше кукавички и нечесно, се трудеше да ја спаси само кожичката своја и на оние што мора да ги спаси, затоа што тоа додатно ќе го штити. Тој и братучед му ги употребија сите валкани и уличарски трикови што можат и не можат да се замислат во политиката. Преговорите ги водеше меѓународниот посредник и експерт Питер Ванхауте, за Груевски да го прогласи за персона нон-грата среде преговори, му се закануваше со клоци од јавна говорница, што му даде уште време. Или, поточно, меѓународната заедница, инсистирајќи тој да биде рамноправен учесник на преговарачката маса, му дадоа одлични, па и надмоќни позиции да се одбрани. Потоа, посредници беа амбасадорите на ЕУ и САД кои покажаа ретка посветеност, но и беа лимитирани со дипломатско-политички рамки и правила што му одеа во прилог на Груевски, а на штета на демократскиот процес.
Што се случи со Договорот од Пржино? Тој договор им го продолжи политичко-криминалниот живот на Груевски и Фамилијата чии марионети се Мицкоски во име на партијата и Иванов, во име на државата(!). Тоа ја затапи острицата на граѓанското движење, иако голема е веројатноста дека тоа нѐ поштеди од посериозен внатрешен конфликт.
Договорот во Пржино и политичкиот дијалог подоцна му дадоа време и простор на политичкото подземје предводено од Груевски да се консолидира по изборниот неуспех во 2016 година и да ја спроведе полугодишната блокада на парламентот и на останатите демократски институции што кулминира со теророт врз Собранието на 27 април 2017 година. Потоа, благодарение на политиката на помирување и инклузивност (што и да значи тоа), кадрите на ВМРО-ДПМНЕ останаа во системот, само да продолжат со опструкциите на демократските процеси. Видовме континуитет, наместо да видиме и доживееме коренити промени.
Од самите почетоци на демократското движење сѐ до пропаста на преговорите на Лидерската, Заев покажа невидена толеранција, отвореност и спремност за компромис. Доста беше.
Да се надеваме дека Заев конечно сфати дека мора да биде порешителен во спроведувањето на реформите што ќе донесат правда за сите криминалци, сите по ред и од сите редови, па нека се и коалициони партнери или членови и функционери во неговата партија, нека се и парламентарци, партиски лидери или владини претставници и функционери. Тоа мора да го стори уште веднаш. После нека цивка Мицкоски дека тоа е одмазда поради неговите преговарачки измами. Оваа тревожна приказна мора еднаш да заврши.
Заев сега има потполно право да се откаже од сите компромиси со Мицкоски. Логиката е едноставна. Барањата на ВМРО-ДПМНЕ имаат единствена цел – спас на Груевски и Фамилијата. Сѐ што прават е купување време, одолговлекување, опструкција, уцена, притисок… Тоа значи дека наметнатите услови, спакувани во фина обланда, иако проѕирна, нема зошто да бидат дел од договор, бидејќи договор, а ниту дијалог, едноставно нема!
Да не говориме за губењето драгоцено време со бесплодните натегања со ВМРО-ДПМНЕ. Пржинска влада? Тоа беше договор во услови на криминална и диктаторска страховлада. Враќање на старите правила во врска со изборот на ДИК? Нема зошто да му се дава простор на дополнително блокирање на системот и на процесот, без оглед на тоа колку е дискутабилна неодамнешната одлука на парламентот. Без оглед на тоа дали на крајот Мицкоски и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе се согласат гласаат за ратификација на Договорот со Грција или не, сите мораат да се соочат со полната сила на правдата.
Во меѓувреме, некорумпираните и прогресивни индивидуи и групи во ВМРО-ДПМНЕ мора да влезат во порешителна битка за спас на партијата од заборав и распаѓање. Или да свириме крај на ВМРО-ДПМНЕ…