Текстилот бара од „Лон“ да премине во производство

Компаниите ќе мора постепено да се прилагодуваат на модел кој бара инвестиции во неколку области, почнувајќи од човечки ресурси, нивна едукација, потоа модернизација на производниот процес и создавање брендови.

302

Текстилната индустрија претставува една од водечките преработувачки индустрии во земјава со значителни резултати во формирањето на БДП, високото апсорбирање на работна сила и извозот. За разлика од другите стопански дејности, во оваа област релативно повеќе дојдоа до израз претприемачките иницијативи на стопанствениците, остварени се повеќе деловни врски со странски партнери, што претставува основа за натамошен развој.

Процесот на глобализацијата, сѐ поголемото вклучување во меѓународната економија, поставуваат голем број предизвици пред текстилната индустрија, како за националната економија така и за земјата во целина. Трудоинтензивниот карактер и можностите што ги дава за порамномерен регионален развој се карактеристики на оваа индустрија. Со самиот процес на преструктуирање на оваа гранка во развиените земји на Европската Унија и на селење на дел од нивното производство во други земји поволно се одрази и на Република Македонија со што се почувствува зголемена побарувачка и поповолни услови за „Лон“ аранжманите.

За развојните можности на текстилната индустрија големо значење има и добрата макроекономска политика во врска со стабилноста и условите на стопанисување. Сѐ поголемата либерализација во условите на стопанисување и сѐ послободното дејствување на пазарните законитости придонесуваат за отвореност на економијата, за поголема достапност на странските пазари и за подобрување на конкурентноста на текстилната индустрија.

Основната цел на стратегијата за развој на текстилната индустрија беше придвижување од „Лон“ кон производство со повисока додадена вредност. Анализите кои се прават укажуваат дека купувачите постепено ќе го напуштаат „Лон“ моделот на производство и ќе бараат чист извоз, а понатаму и производ со вклучен дизајн. Во моментот 90% од извозот е на база на „Лон“ производство и фактот дека сѐ поголем број нови купувачи бараат чист извоз, укажува на тоа дека компаниите ќе мора постепено да се прилагодуваат на овој модел кој бара инвестиции во неколку области, почнувајќи од човечки ресурси, нивна едукација, потоа модернизација на производниот процес (квалитетна организација на производството), па сѐ до обезбедување средства за набавка на основен и помошен материјал, посочуваат од Стопанската комора на Македонија.

Субвенционирање на ова придвижување, посебно во делот на преоѓањето од „Лон“ производство кон чист извоз во голема мера ќе влијае врз опстанокот на овој сектор во Македонија. Самиот факт дека странските купувачи, ќе инсистираат на еден ваков пресврт укажува на важноста на овие промени, а текстилниот сектор мора да се прилагодува на барањата на пазарот и поради тоа потребна е поддршка која ќе овозможи премин од „Лон“ кон чист извоз, во прво време на сопствен производ со туѓа марка, за после здобивањето со вакво искуство да преминеме и во производство на сопствен брендиран производ.

Република Македонија во однос на земјите во опкружувањето има помала продуктивност што се должи на недоволната автоматизација на производниот процес и ова ќе предизвика миграција на странските клиенти во соседните земји кои сѐ повеќе ја зајакнуваат својата конкурентност (на пример, Бугарија, со високата автоматизација во производните капацитети, реализирана со поддршка на нивата Влада и со поддршка на ЕУ фондовите ја прави поконкурентна во однос на Македонија, а Албанија која не е членка на ЕУ и која беше многу поназад во развојот на текстилната индустрија, сега поддржана од нивната Влада со огромни чекори се движи напред).

Од Стопанската комора на Македонија посочуваат дека со цел да бидеме конкурентни во однос на опкружувањето, македонската текстилна индустрија мора да направи вложувања во автоматизација на производните процеси, а со тоа подобрување на квалитетот и обезбедување на поголема продуктивност од текстилните компании.

Текстилците алармираат на државна поддршка на секторот во смисла на поволни кредитни линии, субвенции, обезбедувања преку користење гарантни фондови, со цел пренамена од „Лон“ – производство во класично производство т.е формирање на сопствен бренд кој ќе биде наменет за извоз, која беше една од основните цели на Стратегијата за развој на текстилната индустрија.

Оттука, во услови на веќе воспоставена поддршка преку пакетот мерки за економски раст на Владата, пред сѐ, преку мерките од третиот столб од Фондот за иновации и технолошки развој, текстилните компании ќе треба да ја препознаат можноста за инвестиции во производствените процеси со цел автоматизација и модернизација на опремата наменета за производство.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...