Мицкоски: На избори ќе имаме исти услови како и СДСМ во опозиција, за Кривичен не ни разговаравме

2794

После неколку часа разговори владата се согласи со позициите на ВМРО-ДПМНЕ дека е неопходно носење нов Закон за финансирање на политички партии и измени во Изборниот законик, за техничка влада пред избори, практично за услови кои ги имаше опозицијата на претходните парламентарни избори, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Кога станува збор за ДИК тој посочи дека таа ќе се избира со двотретинско мнозинство и ќе се врати старата процедура, а ќе се стопира предлогот на власта за избор со просто мнозинство.

– Со тоа што го договоривме до сега обезбедивме да има успешен изборен процес кога и да се случат избори во услови, ни помалку ни повеќе, какви што имаше СДСМ кога беше во опозиција – рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој кажа дека за договореното досега дале насоки на координаторите на пратеничките групи да се почне со собраниските процедури.

– Никогаш не сме разговарале за измени во Кривичниот законик. Тоа беше обид да се сврти вниманието од штетите кои ги има Македонија по потпишувањето на Договорот со Грција – рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали се повлекле од барањето за измени во Кривичниот законик во однос на членот за злоупотреба на службената положба и овластувања.

Тој додаде и дека таквите шпекулации биле и со цел да се оттргне фокусот од сите доделени тендери во изминатиот период на фирми на претставници на власта или блиски до нив, кои рече Мицкоски ќе одговараат толку за злоупотреба на службената положба и овластувања.

За референдумот тој не сакаше да коментира велејќи дека за тоа ќе разговараат во продолжение.

Нови изјави од лидерите се очекуваат по завршувањето на средбата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...