Лидерите на политичките партии постигнаа договор за одредени точки, останува само референдумот.
Премиерот Зоран Заев изјави дека се договориле и го прифатиле Законот за финансирање на политичките партии, а власта се согласила и на дополнителните барања на опозицијата за Изборниот законик.
– Денеска го прифативме и барањето на ВМРО-ДПМНЕ да се направат законски измени со кои ќе се овозможи техничка влада да ги спроведува сите наредни парламентарни избори. Се договоривме денеска да заврши лидерската средба. Се враќаме назад да разговараме за прашањето за референдум, како ќе го формулираме прашањето, видот и датумот. Да покажеме доблест и државотворност. Продолжуваме понатаму, Македонија ќе биде членка на ЕУ и НАТО – рече Заев на паузата за ручек.
Според неговата изјава дека ги прифатиле и другите измени во Изборниот законик кои биле договорени со работните групи уште претходно, значи дека договорена е и Државната изборна комисија ДИК која според тој договор ќе се бира со 81 пратеник.
Наскоро кратка изјава за медиумите треба да даде и Христијан Мицкоски, а лидерите обраќање пред медиумите најавија и откако ќе заврши лидерската средба.
Лидерската почна во 9 утрово и се очекува да трае уште најмногу 2-3 часа со оглед на тоа што Заев вечерва треба да отпатува за Мостар каде има договорени средби околу 20 часот.