Ние фантазерите како да не живееме на истата оваа почва (земја) и во истава оваа држава. Додека други поединци и фирми лапаат огромни средства, та дури и милионски и тоа не само во денари, туку и во евра, за лажни и однапред наместени тендери, ние може само да сонуваме нешто наместено, па макар и наместена гарсониера! Не, не сакаме и не сме навикнати на наместени работи и нешта, вака ни е животов (по)неизвесен, (тотално) непредвидлив и (благо)надежен.
Пишуваме песни, раскази, понекогаш и романи и драми, критики и есеи, а најчесто настапуваме за ручек и вечера, како аргати на испоснета нива, како надничари и јабанџии кои одамна не добиваат пристојни хонорари и заслужени места под истово ова намачено, подзамаглено и поткошнато македонско сонце!
Доста ни се трошките, тапкањата по рамо, несаканото и непланираното голтање (посебно во Дојран каде нема плажа, но затоа пак има кал) комарци и други слични и еднодневни инсекти…
На здравје лажење, криење, мижење, стрижење и бричење!