Николов ќе јаде грозје одгледано до рудник за да покаже дека не е отровно

Претседателот на Асоцијацијата за рударство тврди дека враќањето на законските измени на Законот за минерални суровини во собраниска процедура е обид да се добијат некакви политички поени на дел од пратениците, бидејќи имените се на штета на рударството.

928

Продолжува хајката против рударскиот сектор. Тенденциозно се туркаат измените на Законот за минерални суровини по скратена постапка иако со нив, не само што нема да се реши ништо, туку и дополнително ќе се искомплицираат работите и нема да се дозволи отворање на рудници.

Вака, претседателот на Асоцијацијата на рударство при Стопанската комора, Николајчо Николов го прокоментира повторното поставување на измените на Законот за минерални суровини предложен од група пратеници на дневен ред на Собранието.

– Мислевме дека со запирањето на постапката при јавната расправа на крајот на минатата година запре и постапката за донесување на овие измени, но сега повторно се става на дневен ред. Како да е целта да се добијат некакви поени -рече Николов.

Според него, со предложените измени не се добива подобрен закон туку се прави збрка и се ставаат во нееднаква положба старите и новите рудници, одредбите на законот се тенденциозни и не дозволуваат развој на рударскиот сектор.

– Ако сега се во привилегирана положба постоечките рудници, законските измени сепак ќе влијаат на нивното проширување во иднина. Тоа значи дека ако сега „Бучим“ е изземен со овие законски измени во иднина кога ќе сака да отвори нов рудник ќе има проблем да го отвори – рече Николов.

Став на рударската асоцијација е дека животната средина не ја загадуваат само рудниците за да бидат предвремено санкционирани.

– Не го поддржуваме рударството, туку сакаме да се дојде до вистината. Ако се докаже дека рудниците се тие што ја загадуваат животната средина, први ќе се повлечеме. Но треба тоа да се докаже. Нашите сознанија говорат дека и покрај долгогодишната работа на актуелните рудници нема регистрирани професионални заболувања, ниту пак има зголемен број на болни од болести кои би биле предизвикани од рудниците – рече тој.

Николов додаде дека во близина на рудникот „Бучим“ компанијата која управува со рудникот купила лозје за да докаже дека земјоделството и рударството можат да функционираат напоредно.

-Јас ќе бидам првиот кој ќе проба од грозјето и ако како компанија одлучиме да правиме вино ќе бидам првиот кој ќе го проба тоа вино – рече тој.

Искуствата во светот, како што рече Николов, се дека има противници на рудниците, но дека светот веќе не размислува за затворање на рудниците ,туку за тоа како да овозможи тие напоредно да функционираат со земјоделството.

-Ако сакаме да се вклучиме во светските текови и ние треба да размислуваме на тој начин – рече Николов.

Измените на Законот за минерални суровини кои се актуелни веќе една година, предвидуваат да не се дозволи отворање на рудници кои во производниот процес – лужење користат цијанид.

Невладините организации и пратениците кои ги пределожија измените на законот тврдат дека државата не смее да дозволи отворање на нови рудници кои ќе користат цијанид, но рударскиот сектор тврди дека количините кои се користат во процесот на производството е минимален и никако не влијае врз животната средина.

Измените на Законот за минерални суровини ја поминаа расправата во Законодавно правната комисија и се пред пленарна седница.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...