По пријавата на вработените во текот на вчерашниот ден дека во депонијата „Мегленци“ има пожар, екипи на ЈП „Комуналец“, веднаш реагирале на терен за да се спречи натамошното ширење и да се локализира пожарот, соопшти претпријатието.
Веднаш биле известени сите надлежни институции, а биле повикани на помош и екипи од РЕК Битола и Општина Новаци, на чија што територија се наоѓа депонијата, кои им помогнале на екипите од ЈП „Комуналец“.
Поради топлото време, пожарот зафатил големи површини и се проширил во вечерните часови, но истиот веќе е ставен под контрола. Случајот е пријавен и во СВР Битола, но засега не се знае кои се причините за опожарувањето на депонијата „Мегленци“.
Директорот на ЈП „Комуналец“ Панде Боголевски истакна дека нивната подготвеност со зголемен број екипи на терен и помошта која ја добиле од РЕК Битола и Општина Новаци, го спречила натамошното ширење на пожарот за да не дојде до опожарување на поголема површина.