Иднина без амнестија или амнестија без иднина?

Без оглед на тоа дали владата греши во пристапот, а невладините тераат бизнис as usual - со полни џебови и празни зборови, сончогледите, фолирантите и шминкерите живеат на висока нога „многу загрижени“ за македонската иднина... Наше е да донесеме мудра, граѓанска одлука. За сите нас, па и за платениците и насилниците и за нивните семејства.

595

Дознавам дека во самиот врв на партијата за амнестија на криминалот имало сериозни и гласни „советувања“, од оние со гласно викање и префрлање на одговорноста од еден на друг, па дури и преку границите на нашата земја. Не мора многу Партијата им се распаѓа, а Мицкоски и неговата формација од насамарени, а самоуверени асистент(к)и се фатил како слеп за стап за една, многу позната, точка од преговорите.

Затоа, преговорите или, поточно, пазарењата со него се излишни од првиот миг. Сите очи се вперени во Лидерската, а се заборава на тешките штети што ги претрпе општеството во меѓувреме. Постојано во грч, постојано опкружени со вирусот на омразата и поделбите, насилството… Затоа, Лидерската, всушност, и не е важна. Важни се македонските граѓанки и граѓани.

Не е важно ни тоа што Мицкоски шета лут како рис по ходниците на смешно-грдата палата и газдува, но кроце влегува кај вистинскиот газда чии очекувања ги изневерува, малку намерно, малку од што не го бива. Не е важно ни тоа што оние што се продаваат за реформисти велат дека ќе ја реформираат партијата кон полошо. Сега веќе не е важно ни тоа што во таа партија има интелигентни и модерни лидери, бидејќи се во сенка и нема да имаат време да ја пренесат партијата од „антиката“ во 21-от век.

Се ближи денот кога ќе има безброј сведнати глави, црвени уши, образи – кој од срам, кој од страв. Тоа ќе биде ден кога ќе има за што да се проштева, но уште повеќе да се честита. Тоа ќе биде и ден кога многумина ќе кажат дека проштевањето оди заедно со одговорноста и помнењето, па ќе побараат санкции за тие што нанесоа непоправливи штети, што сееја страв и го поделби. Ќе побараат одговорност за говорот на омразата што водеше кон насилство… и убиства. Без оглед на бојата на партискиот амблем или етничката заедница од каде што се излеа отровот – одговорност мора да има, како што веќе постојат обемни архиви со име и презиме на кои институциите не реагираат, а тоа им е работа.

Исто како во 2015-2016, но и многу порано, ги гледаме во офанзива. Глупави, зли, вулгарни и одвратни. Се кријат зад лажни профили на социјалните мрежи, а водат „борба“ за идентитетот. Како? Со пцости и закани. Невидена бесрамност! Се срамотат и себе си и своите семејства. Тешко на нивните семејства со такви ликови. Ако можат вака јавно да се однесуваат, којзнае какви се по дома.

Јас лично верувам во мојата единствена земја Македонија. Сигурен сум дека мојата земја ќе издржи и ќе продолжи. Можеби деновиве изговарам и пишувам до некаде патетични изјави, но излегуваат од длабината на мојата утроба. И знам! Пред Македонија е иднината, а тие му припаѓаат на мрачниот заборав.

Сепак, до некаде сум им и благодарен за шлагвортот што ми го даваат за овие колумни деновиве. Ми даваат и материјал за понатамошно истражување на човековата беда. Кутри душички, толку добро опишани во делата на Гогољ… Очигледно, нема шанси разговор со нив. Им смрди душата, отруена од злоба. Имаше период кога, наспроти советите на моите другарки и другари, сакав да верувам дека можеле и сакале поинаку и дека машинеријата на клептократите, националистите и странските агентури ги згазиле или изманипулирале. Не, такви се. Тоа е. Сега сум убеден во тоа. По долго време верба дека доброто е во суштината на секој, баш на секој човек.
Човек може да одбере да верува во идеја, да има став и да го брани сето тоа чесно, гордо и со доблест, до последниот аргумент. И да го прифати поразот со крената глава и достоинствено. Или да победи, без злоба и ликување на своето лице. Такви знам и среќавам секој ден и чест ми е да го вкрстам мечот на моите мисли со нив. Секој ден на терасата каде што ги пишувам рафалите се среќавам со соговорници кои мислат сосема спротивно и дебатираме. И се поздравуваме срдечно, како добри соседи.
Но, што со пионите на црната кампања? Ене ги таму, на дното од мочуриштето на нивните души, во партиските штабови усмрдени од ракија и лук, со пиштол и кама украсени или со други симболи од минатото… Таму ли да одам? Во нивниот лажен и смрдлив вир? Во апсурдно и бескрајно губење време? Не.

Се обидуваат да ме навредат, а го учат и помнат само тоа што нивните неписмени капитени и курири им го кажале. Но, јасно е како ден! Излезе на виделина дека оние што нас нѐ обвинуваа за предавство, самите се предавници и странски платеници. Не е првпат патриотите во една земја да бидат прогласувани за предавници. А токму оние што се најгласни во таквите обвиненија, се платеници на непријателски странски служби. Не е првпат, но изгледа дека е последен пат.

Има и нешто утешно во оваа приказна. Барем читаат. Како што во 2015 година ѝ заблагодарив на груевистичката клика за тоа што, сепак, слушала (прислушувала), сега им благодарам што читаат. И ги повикувам да продолжат со читање. И да се распаѓаат во обидите да си ја спасат кожичката и дебелите банкарски сметки со украдени пари. Читајќи.

А за нивните пиончиња, сепак, морам да признам, сега чувствувам и мали задоволства што се нервираат затоа што не им поаѓа од рака да ја завршат валканата задача. Од петни жили се обидуваат да ми го одземат времето, а јас продолжувам со убавиот разговор со луѓето, било да мислиме слично или сосема различно, па се расправаме, макар и гласно. Тие сакаат да посегнам по навреди и пцости, но нема да им успее. Зошто би бил лош со мазохисти, нели?
За да се спушти човек на нивното ниво, треба да се наведне. А јас не се веднам. Нема да одговорам на нивните навреди со навреда. Да имаа очи, ќе видеа дека самите се навреда, сами по себе. Да имаа уши, ќе слушнеа дека не се ништо освен тивко чкртање со забите на фрустрирани фигуринки. Да имаа глас, ќе беше писклив и неубав.

Имаат една земја, а најмалку два пасоши, имаат еден живот, а најмалку две лица. Имаат профил на Фејсбук и мислат дека тоа е идентитет. Носат само лаги и насилство во душата, а устата им е полна со божемна потрага по вистина и правда.
Немам што да одговорам на безумие, лаги и гнасотилаци. Еднаш напишав дека ги сожалувам, но не повеќе.

Луѓето со кои се среќавам во дуќанчето во моето маало, на улица, во кафулињата, оние што доаѓаат со и без најава во мојата канцеларија, ми се жалат од безброј други нешта. Најчесто со право не се задоволни од многу нешта во економијата, вработувањата, тендерите, здравството, образованието, културата… Јас и моите другарки и другари се обидуваме тие поплаки веднаш да ги преточиме во текст, во писма или во акции. Некои не успеваме, од немање време, а и не умееме сѐ, нели?
Размислувам, деновиве мора да ги одвоиме работите и да направиме информиран и аргументиран избор, да поставиме приоритети. Да ги одвоиме внатрешните прашања од големото регионално и европско прашање. Трезно и трезвено.

Без оглед на тоа дали владата греши во пристапот, а невладините тераат бизнис as usual – со полни џебови и празни зборови, сончогледите, фолирантите и шминкерите живеат на висока нога „многу загрижени“ за македонската иднина… Наше е да донесеме мудра, граѓанска одлука. За сите нас, па и за платениците и насилниците и за нивните семејства.

Да одговориме на прашањето:
Иднина без амнестија или амнестија без иднина?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...