Лидерите на четирите политички партии СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и едно од крилата на Беса, Зоран Заев, Христијан Мицкоски, Али Ахмети и Билал Касами утре во 9 часот повторно ќе седнат на заедничка маса во Клубот на пратеници во Скопје.
Станува збор за лидерска средба во скратен формат. Иста се одржа и во четвртокот, на 19 јули, откако на 18 јули имаше лидерска средба на која Заев ги покани сите претставници на политичките партии кои имаат барем по два пратеника во парламентот. Тогаш Мицкоски ја напушти средба и бараше нова во скратен состав.
Утре лидерите на четирите партии ќе се обидат да ги испеглаат разликите и да постигнат договор за формирање на ДИК и прашањата поврзани со претстојниот референдум, кој треба да се одржи наесен, а чија евентуална можна формулација ја соопшти Заев на првата лидерска во проширен формат – Дали сте за ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција.
На маса се очекува да бидат ставени и условите на ВМРО-ДПМНЕ – Законот за финансирање на партии, измени во Законот за Влада и измени во Кривичниот законик поврзани со амнестијата.
Учесниците на лидерската средбата во четвртокот не постигнаа договор, но како што изјавија по завршувањето на состанокот за некои прашања се приближиле, но за некои имало потешкотии во изнаоѓање заеднички став. Тие по таа средба порачаа дека очекуваат брзо да се најде решение за сите отворени прашања.
Заев тогаш потенцира дека компромиси не може да се прават околу стратешките цели на Македонија – влез во ЕУ и НАТО и за амнестијата, додека Мицкоски побара европско однесување не само на зборови, туку со дела.