ВМРО-ДПМНЕ: Филипче да се повлече, а обвинителството да отвори истрага

258

Срамно и тажно е да се гледа како СДСМ и министерот Венко Филипче се обидуваат да го оправдаат криминалот и милионскиот скандал во здравството. Денешните бледи и неиздржани манипулации на Филипче не може да му помогнат да ја избегне одговорноста за општиот грабеж во здравството. Никој не му верува на Филипче дека не знаел која е единствената фирма што учествувала на тендерот, ниту пак убеди некого дека не знаел дека таа се формирала четири месеци пред тој да и доделува 35 милиони евра, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ по денешната прес-конференција на министерот за здравство.

„Филипче мора веднаш да се повлече од функцијата и да дозволи независна истрага околу скандалот со кој што 35 милиони евра, пари на граѓаните треба да завршат во фирма формирана пред четири месеци која ја раководат млади лица, тотално анонимни во проблематиката. Јавното обвинителство уште утре треба да отвори истрага и да ги провери сите сомнежи за најголемиот скандал во македонското здравство кои деновиве кружат во јавноста“, пишува во реакцијата од опозицијата.

Оттаму прашуваат и зошто се спречува набавка од друг производител и дали некој извлекол лична корист и колкава е таа за да распише ваква набавка? Зошто никој не конкурира освен фирмата која е основана пред четири месеци, токму во време на одвивање на техничкиот дијалог? Исто така, прашуваат и дали е случајно тоа што седиштето на фирмата е регистрирано на иста адреса како и канцеларијата на Филип Медарски, адвокат на премиерот Зоран Заев?

„Дека овој проект е штетен и за буџетот и за граѓаните и за пациентите говори фактот што со него се ускратува можноста биохемиска анализа да се направи во поголемиот број на лаборатории низ Македонија и оваа услуга се централизира во само неколку градови. Патем во помалите здравствени домови со овој проект се ограничува можноста за итни испитувања на итните случаи, а хуманиот биолошки материјал ќе треба да се транспортира и по стотици километри со сиот ризик да биде контаминиран или оштетен. Сите факти говорат дека ова е штетен проект по здравјето и животот на граѓаните, кој е истовремено и значително поскап од претходниот систем на децентрализирани лаборатории“, тврди опозицијата.

Според ВМРО-ДПМНЕ, ова ќе чини дополнителни средства за транспорт на хуманиот биолошки материјал, ќе ги покачи цените на чинење на биохемиските реагенси за 2-3 пати од 368 милиони денари претходно на 803 милиони денари сега, имунолошките реагенси за повеќе од половина од 692 милиони денари претходно на 940 милиони денари сега, а хематолошките реагенси за дури 4 пати од 50 милиони денари претходно на 208 милиони денари сега.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...