Анализа на ИФИМЕС: По една деценија на изолација Македонија влегува во НАТО

Зоран Заев, креаторот на македонската интеграциска парадигма, со тоа покажа дека е лидер од голем формат, каков што поширокиот регион го немал со децении, и кој во многу нешта може да биде модел за модерен европски лидер.

973

Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) од Љубљана, Словенија, редовно ги анализира настаните на Блискиот Исток и Балканот. ИФИМЕС подготви анализа за важноста на поканата на Македонија да се приклучи на НАТО на највисоко ниво на Алијансата во Брисел, на 11 и 12. јули 2018 година. Од деталната анализа „По една деценија на изолација Македонија влегува во НАТО“ ги објавуваме најважните и најинтересни делови.

По една деценија на изолација Македонија влегува во НАТО

НАТО, кој следната година ќе ја прослави својата 70-годишнина, на неодамнешниот самит во Брисел, што се одржа на 11 и 12 јули 2018 година, Македонија официјално ја покани да стане нов, 30-ти член на Алијансата. Со својата колективна мисија за одбрана, НАТО е клучен бранител на меѓународната безбедност и стабилност. Неговата активност во периодот по крајот на Студената војна, се прошири и се трансформира во согласност со менувањето на заканите по меѓународната безбедност, а го зголеми и бројот на членови на сегашните 29 – Црна Гора пред една година стана нов член.

Во согласност со неодамнешната покана, откако ќе бидат завршени сите предвидени процедури, Македонија ќе стане јубилејна 30-та членка. Во зависност од времетраењето на процедурите за ратификација, ова може да се случи веќе во јубилејната година.

Декада на (само) изолација

Македонија пред точно десет години на самитот во Букурешт, поради блокадата на Грција, која бараше промена на името на државата како дополнителен и нов услов за членство, откако Македонија ги исполни сите утврдени услови, остана пред вратата на НАТО. Следеше една деценија изолација, која во најдобар дел беше самоизолација.

Режимот на поранешната владејачка ВМРО-ДПМНЕ грчката блокада од една страна ја искористи за внатрешна хомогенизација на електоратот покажувајќи со прст кон надворешниот непријател, а од друга страна со тоа речиси се оневозможи себеси за конструктивни преговори со Грција. Постои тука и големото прашање, дали режимот на Никола Груевски (ВМРО-ДПМНЕ) навистина сакаше членство на својата земја во НАТО (и ЕУ), или тоа беше само одржување на виртуелната надворешна политика. Тешко е да се негира дека клучната цел на надворешната политика беше со постојано висока поддршка од јавноста и фактот дека кратко време по прогласувањето на независноста на Македонија, тогаш сите парламентарни партии во Собранието (Парламентот) постигнаа консензус за членство во двете основни структури.

Во меѓувреме, имено Македонија учествуваше во програмата на сојузништво на кандидатите за Алијансата – Акционен план за членство (МАП) и помина низ 18 циклуси на оваа програма, со што нејзините вооружени сили станаа најпроверена војска во историјата на НАТО. Македонија отсекогаш беше вклучена во многу други активности на Алијансата, особено во многу мировни операции и операции за поддршка на мирот. НАТО до денес ја задржа својата канцеларија за врски (NATO Liasion Office) во Македонија. За да се разбере значењето на неодамнешната покана на Македонија за членство пред очи треба да се има фактот дека НАТО во 2017 година се зголеми со нов член – Црна Гора.

Најсилниот воено-одбранбен сојуз во историјата останува верен на својата политика на отворени врати. Ова беше силен поттик и дополнителен мотив за новата политичка структура во Македонија, која ја презеде власта на 31 мај 2017 година.

Зоран Заев креатор на македонската интеграциска парадигма

Промена во политичката, дипломатската и големата општествена парадигма во Македонија беше овозможено кога Зоран Заев (СДСМ) пред три години како лидер на опозицијата, со до тогаш невидена во Македонија лична храброст и харизма, предизвика бран на демократски промени кои доведоа до нов имиџ и во многу работи клучна балканска земја.

Македонија денес е во нова интеграциска парадигма, која ја произведе сама, кога актуелната политичка гарнитура изведе мирна промена на власта / режимот, а потоа склучи договор за добрососедство со Бугарија, усвои закон за унапредување на употребата на јазиците на другите етнички групи и во март оваа година достигна до прием со безусловна препорака на ЕУ да започне преговори со Унијата. Овие три големи придвижувања се резултат на работата на сегашната македонска влада и нејзините потенцијали, без конкретни надворешна помош, на која повика пролетта 2017 година поранешниот премиер и поранешен претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. За аналитичарите во голема мера беше разбирливо дека толку големи структурни промени во македонската политика мора да бидат следени со радикална промена во процесот на интеграцијата.

Следеше големиот месец јуни 2018, во кој македонскиот и грчкиот премиер Зоран Заев и Алексис Ципрас порачаа на јавноста дека постигнаа историски договор за решавање на спорот околу името, кој ги оптоваруваше односите меѓу двете земји речиси три децении. Договорот беше објавен – симболично, но исто така, со големо практично значење и порака – истиот ден, кога се сретнаа за прв пат во историјата претседателот на САД, Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун.

Зоран Заев, креаторот на македонската интеграциска парадигма, со тоа покажа дека е лидер од голем формат, каков што поширокиот регион го немал со децении, и кој во многу нешта може да биде модел за модерен европски лидер. Во брзо темпо потоа следеше потпишувањето на договорот и неговата ратификација во македонското Собрание, врз основа на што грчката страна го информираше генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и Европскиот совет, Доналд Туск, да ја повлечат блокадата на патот на Македонија кон членство во ЕУ и во НАТО. Следеше заклучокот на Европскиот совет на состанокот во јуни, Македонија да ги започне преговорите за членство во ЕУ во јуни 2019 година и поканата за влез во НАТО на самитот во јули. Јунските настани се одвиваа со толку голема брзина што беше сосема разбирливо од една страна изненадувањето на голем дел од македонската јавност, дека по три децении одложување таков потег е можен, а од друга страна, потполната запрепастеност на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чие водство на овие достигнувања реагираше бледо и со неубедливи изјави.

Членството во НАТО признание за Македонија

Поканата за членство е првенствено признание на Македонија за големите демократски промени и достигнувања во изминатата година. Тоа значи дека промените се можни и остварливи и дека Македонија, како и регионот на Западен Балкан, има потенцијал да го стори тоа. Ова е силна порака и поттик за другите земји во чекалната за ЕУ и НАТО. Исто така важно е Брисел да го препознае текот на промените во Македонија и да им одговори позитивно и конструктивно.

За Македонија ова значи дека од проблем во изминатите години таа стана дел од решението. Нејзината политика денес нуди решенија и затоа е одличен пример и промотор на процесот на евроатланската интеграција во регионот. Таа покажа дека е способна да направи промени, чија основа е изборната поддршка на парламентарните избори во декември 2016 и локалните избори во ноември 2017. Тоа е демократскиот политички легитимитет на актуелната власт. Во исто време, поканата за членство е исто така потврда за правилниот курс на актуелната македонска политика, кој е базиран на интеграција преку парадигмата „Едно општество за сите“ и „Владата за граѓаните“.

Членството во НАТО значи од една страна безбедност, стабилност и просперитет. Со што се зајакнува поузданоста и сигурноста на земјата за странските инвестиции, но членството во НАТО претставува и голем чекор кон членството во ЕУ. Ова е директно искуство на сите нови членки по крајот на Студената војна. Без членство во НАТО ниту една од 29-те земји немаше да бидат толку успешни како што се сега.

Од друга страна, членството претставува рамноправно одлучување за клучни прашања на меѓународната политика. Македонија повеќе нема да биде предмет на разговори на дневниот ред, туку заедно со другите членки ќе разговара и ќе придонесува за решавање на клучните меѓународни прашања и предизвици. Ова е квантна промена во функционирањето на една државата, кога станува полноправна членка.

Членството не значи само придобивки за одбранбените, воените и безбедносните структури. НАТО во своите комитети се бави и со прашања како што се образование и прашањата поврзани со животната средина, а компаниите кои ќе го добијат сертификатот на НАТО можат да аплицираат на различни повици во рамките на Алијансата за добивање на работа, што претходно не беше можно.

Се разбира, сè зависи од тоа во колку голема мера државата во времето на пристапувањето во НАТО, а исто така и подоцна, ќе покаже проактивен пристап во овој престижен клуб на земји.

Македонија сега ја чека приближно шестмесечен период на претпристапни преговори, во кој мора да го преземе законодавството на НАТО и да го интегрира во својот правен систем. Дел од ова веќе е направено со дејствување во МАП. Потоа следи потпишувањето на Спогодбата за асоцијација, која оди на ратификација во Собранието и кај сите земји-членки. Овој дел трае приближно околу една и пол година и завршува со свечен прием во членството.

Во периодот на ратификацијата, македонските претставници веќе ќе можат да присуствуваат во работата на сите комитети на НАТО (со исклучок на Комитетот за нуклеарна енергија и Советот на НАТО – Русија), но без право на глас. Ова, како и сите други пред нив, ќе ги воведе во конкретното функционирање на Алијансата.

(Меѓународен институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) – Љубљана,

Директори: Бахтијар Аљаф, доц. Др. Зијад Бечировиќ)

Подготви: А.Ј.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...