По 39-ти пат си дојдов во Македонија и само по неколку дена почнав да си го поставувам болното прашање: „Зошто премиерот Заев е убеден дека референдумот ќе успее и ќе го одобри прекрстувањето на државата?”
Засега не открив ниту една добра причина за неговиот оптимизам. Иако летото е време за радост и уживање во убавините, ми се чини дека граѓаните се збунети, несреќни, осиромашени, како да не знаат што им се случува. И затоа се непредвидливи, претерано нервозни. Побрзо ќе апстинираат, отколку да му дадат некому бланко потврда за прекрстување на државата.
Лично ме трогна депресијата во која западнале нашите уметници: писатели, сликари, композитори но и бројните просветни кадри. Како да им потонале сите лаѓи и веќе се дават во неизвесноста. Тие, се разбира, ја делат судбината на својор народ. И колку да е урнисан нивниот авторитет, тие сепак остануваат свест и совест на граѓаните. Ми се чини дека ниту еден од нив нема да агитира во прилог на референдумот.
Воопшто не е спорно дека Премиерот оствари импресивни меѓународни успеси. Од мене за нив би добил студентска десетка. За жал, на внатрешен план, не исполнил речиси ниту едно од своите предизборни ветувања и не може да се надева на преодна оцена. Сосема друга слика ќе течеше пред неговите очи доколку ги пронајдеше барем украдените милијарди заради кои беше формирано Специјалното обвинителство. Пред референдумот тоа ќе му се врати како бумеранг: огромна маса луѓе веќе Катица Јанева ја доживуваат како политичка алтернатива за Томе Аџиев. Морална лустраторка на паднатите режимлии. Иако таа имаше спектакуларни настапи, досега не постигна спектакуларни успеси. Вистината на сонце, ми рече еден познат адвокат, речиси сите „бомби” на Заев произведуваат „силни” морални казни и политички деградации, меѓутоа, никако материјални. За лежење по зандани требаат материјални докази. Каде се украдените народни пари? Кој е тој што го оштетил плаќачот на даноци?
Уште еден хендикеп како планина е испречен пред Заев.
Левите сили, на кои им припаѓа тој, кои по правило се реформатори, во Македонија не се мнозинство. Одвај третина од гласачкото тело. На последните избори тој ја доби поддршката и на оние граѓани на кои им беше згадено од аздисаната Фамилија. И трикот со правење граѓанска држава му користеше. И албанскиот фактор му помогна. Но во услови на тотална збунетост кај мнозинското гласачко тело на Македонците тешко дека ќе му поминат шармот и ветувањата за НАТО и ЕУ. Верно тие се примамливи, но обесени на многу висока гранка што не ги мотивира обичните граѓани.
На крајот, дали не го загрижува што рејтингот кај дијаспората му е рамен на нула. Нула. Која е таа дијаспора да се меша во нашиот политички живот? Дали е онаа што уфрла во платниот промет на државата најмалку милијарда евра, како што тврди Светска банка, или се работи за усвитени глави, како што пишуваат некои. Страшен јаз е испречен меѓу властодршците во Македонија и нашите граѓани во туѓините. Отпорот против ова прекрстување на Македонија зафаќа епски димензии. Колку тоа ќе ги озрачи гласачите во Македонија што ќе решаваат за иднината на државата?
Многу дилеми останаа, но време не остана. Се поништува ли АСНОМСКА Македонија? Се елиминираат ли „успесите” на претходните македонски влади кои се гордееја што 138 држави во светот го признале нашето уставно име? Дали „тапијата” што ќе ја добие Македонија од НАТО има вредност колку тапијата што Бугарија ја доби од Варшавскиот Пакт? Во која гробница почива тој воен сојуз?
Можеби е далеку поумно Заев, покрај досегашните ризици, што беа огромни, да преземе уште еден ризик. Да не ги малтретира граѓаните со референдум што ќе има болни последици без разлика на исходот. Во кој ќе се сомневаат разочараните. Поумно е да се договори со парламентарните партии одошто “со народот”. За да не падне во стапица по која ќе му ја дерат кожата.