Шест години затвор за Кочан, три за Авировиќ и конфискација на имот од фирмите

Третиот обвинет Сафет Ватиќ доби ослободителна пресуда. За него СЈО во завршните зборови направи преквалификација на делото во „помагање“, а за фирмата чиј претставник е тој, „Вато“ ДОО Студеничани, го повлече обвинението. Судијката рече дека не се докажало дека со неговите активности Ватиќ има кривична одговорност односно дека помогнал во извршување на делот.

3937

Шест години затвор за Сеад Кочан, а три за Василије Авировиќ во случајот „Труст“ на СЈО поврзан со добивање тендер во РЕК Битола.

Двајцата добија и забрани од три години, за Кочан да биде управител или дел од управен орган на некоја фирма, а Авировиќ да биде застапник за потпишување договори за јавни набавки во име на фирма.

Судечкиот совет на чело со судијката Лидија Трајковска Зимбовска досуди и парични казни за фирмите чиј претставници се тие, „Трансмет“ ДОО Скопје и „Силекс неметали СТ“. Фирмите ќе треба да платат казни од по два милиони денари (околу 32.000 евра), а ќе им се конфискува и имот во иста вредност како направената штета – околу 17 милиони евра.

Кривичното дело за кое се осудени е злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство. Авировиќ не дојде да ја слушне пресудата.

Третиот обвинет Сафет Ватиќ, пак, доби ослободителна пресуда. За него СЈО во завршните зборови направи преквалификација на делото во „помагање“, а за фирмата чиј претставник е тој, „Вато“ ДОО Студеничани, го повлече обвинението. Судијката рече дека не се докажало дека со неговите активности Ватиќ има кривична одговорност односно дека помогнал во извршување на делот.

И одбраната и СЈО имаат право на жалба на пресудата која денеска беше соопштена во Кривичниот суд.

Судијката пред да ја соопшти пресудата појаснуваше што значи економски, односно криминал на белите јаки. Таа посочи што сѐ на повеќе од 20 орржани рочишта за главната расправа тврделе и изнеле како докази од обвинителството, а што од одбраната.

Според обвинението, осомничените формирале конзорциум и со лажни документи добиле тендер за ископ на јаловина во РЕК Битола.

Сите обвинети на претходното рочиште во завршните зборови се изјаснија дека не чувствуваат вина за делото за кое се товарат. Кочан посочи дека не се чувствува виновен, бидејќи немал никаква умисла да прекрши кој било закон. Според Авировиќ обвинението е неосновано и дополнително ја загрозило неговата кревка здравствена состојба. Ватиќ тогаш кажа дека очекува ослободителна пресуда.

СЈО, пак, во завршните зборови побара тројцата обвинети да бидат осудени, а фирмите „Трансмет“ ДОО Скопје и „Силекс неметали СТ“ преку конфискација да вратат во државниот буџет 17 милиони евра.

Повеќе на оваа тема:

Бубевски: 90 отсто од износот за конфискација во „Труст“ привремено е обезбеден

Адвокатот на Ватиќ во „Труст“: Респект за судијката

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...