Мицотакис: Случајот со руските дипломати да не се поврзува со протестите против Договорот од Преспа

430
ФОТО: EPA/ORESTIS PANAGIOTOU

Посакувам, некои да не користат едно прашање од надворешната политика за внатрешно политичка употреба. Бидејќи гледам дека постои обид за поврзување на случајот со руските дипломати, со според нашето мислење, оправданите реакции што постојат кај мнозинството од грчкото општество за прашањата од Договорот од Преспа, рече претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис на прес конференција на Крит, одговрајќи на прашање поврзано со последните случувања во грчко – руските односи.

Мицотакис рече дека опозициската партија немала никакво официјално известување од владата за конкретното прашање, но според она што е познато, „ако навистина постоела интервенција во внатрешните прашања на земјата, тогаш Грција треба да реагира ефективно и одлучно“, јави дописничката на МИА од Атина.

Лидерот на Нова демократија, сепак, не ги прифаќа тврдењата дека Грците кои протестираа против Договорот од Преспа биле мотивирани од трети фактори.

– Да не ги мешаме двете прашања. Очигледно, грчкото општество не реагира за Договорот, бидејќи е поттикнато од некој. Реагира за Договорот бидејќи е лош Договор, бидејќи Ципрас и Коѕијас им ги отстапија македонска националност и македонски јазик на соседната земја, која слави за тоа и според тоа, можам целосно да разберам зошто големото мнозинство на грчкото општество е против овој договор, рече Мицотакис.

Во однос на решението меѓу Македонија и Грција, лидерот на Нова демократија уште еднаш го повтори ставот на неговата партија дека не се согласуваат со Договорот и нема да гласаат за ратификација во парламентот.

Воедно, избегна да коментира „што би можело и што не би можело да се случи на референдумот“ кај нас.

– Само ќе кажам дека Заев, систематски го користи името Република Македонија за да ја одреди земјата што ја претставува и многу инвестира во прашањата за македонскиот јазик, македонскиот идентитет и македонската националност, потврдувајќи ја на овој начин нашата сериозна резервираност. За прв пат, грчката Влада на соседната земја ѝ отстапи јазик и националност, а во исто време ѝ даде зелено светло за интеграција во НАТО, рече Мицотакис на прес конференцијата, за време на неговата посета на грчкиот остров Крит.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...