Меѓудржавните договори се резултат на компромис, склучивме договор со придобивки и за двете земји, рече шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во говорот на крајот од конференцијата за правните аспекти на Договорот од Преспа што се одржа во грчкото МНР.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, Коѕијас анализирајќи го решението меѓу Македонија и Грција, се осврна како на преговорите така и на придобивките за двете земји. Рече дека од времето на Контантинос Караманлис па се до денес, три прашања се однесувале на преговорите: името, неповредливоста на границите и постоењето или не на малцинство.
Министерот за надворешни работи на Грција говореше за членовите од Договорот поврзани со името и употребата, за јазикот, државјанството, но и за иредентизмот.
– Прашајте ме дали ми се допаѓа Северна Македонија. Не. Јас ќе сакав да се викаат Северна Алјаска, но веќе постоеше согласност за сложено име што ќе го содржи терминот Македонија. Терминот со децении постоеше во преговорите и сметам дека е неетички оние кои дадоа завршени работи да се претставуваат како поддржувачи на име што нема да содржи Македонија – рече Коѕијас. Во однос на државјанството и националноста, објасни која е разликата и што е вклучено во Договорот, а за јазикот повтори дека е признат како македонски во ОН уште во 1977 година.
Упатувајќи критики до оние кои се против Договорот, Коѕијас истакна дека во Грција постојат два вида на политики: оние што сакаат решение и оние што се против решение.
– Сите оние кои го критикуваат Договорот од Преспа, уште не сум ги слушнал да кажат што точно требаше да дадеме. И уште не сум ги слушнал да кажат што добивме и кој е балансот меѓу она што требаше да дадеме и она што требаше да го земеме – рече Коѕијас и додаде дека „за противниците на Договорот, компромисот е пораз“.
Во однос на обвинувањата до грчката влада дека Грција го отворила патот кон НАТО и ЕУ за нашата земја, шефот на грчката дипломатија објасни дека поканата за Северно-атлантскиот сојуз е под услов да се имплементираат сите обврски што произлегуваат од Договорот од Преспа.