Пратеникот од ДУИ, Артан Груби, кој е претседател на Комисијата за европски прашања, за денеска во 11 часот закажа седница на која ќе се разгледуваат 401 амандман кои опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги поднесе за Изборниот законик.
Предлог законот за изменување, го поднесе владата, тој е со европско знаменце и ќе се носи по скратена постапка. Со него, владата предлага наместо со двотретинско мнозинство – 81 глас, членовите на Државната изборна комисија (ДИК) да се бираат со просто мнозинство – 61 глас.
Ваквиот предлог следува откако ВМРО-ДПМНЕ не закажуваше седница за избор на ДИК, барајќи измени и во Законот за влада со цел пред секои избори да се формира техничка влада, според моделот кој беше во Пржинскиот договор за изборите во декември 2016 година.
Откако опозицијата го одолговлекуваше изборот на ДИК, а со цел да се фатат временските рокови од кои зависи и одржувањето на референдумот, а потоа и уставните измени и навремената ратификација во грчкиот парламент, власта поднесе предлог за измени во Изборниот законик.