МВР поднесе кривична пријава против А.Љ. (32) од Скопје поради основано сомнение за сторено кривично дело измама на 17 лица при купопродажба на половни моторни возила. Одредена му е мерка притвор во траење од 30 дена.
Како што информира портпаролот на МВР Тони Ангеловски, А.Љ. измамите ги вршел на идентичен начин во периодот од мај до јули годинава.
– Во својство на полномошник на две правни лица А.Љ. кај нотари во Скопје склучувал договори за купопродажба со физички лица, но не го исплаќал договорениот износ. Напротив, уште истиот ден или во наредните денови возилата ги препродавал на други физички лица и на тој начин се стекнал со противправна имотна корист од околу пет милиони денари, изјави Ангеловски.