Заев: Разговаравме за „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот со Грција“ ОБНОВЕНО

1031

Можното референдумско прашање било тема на вечерашната лидерска средба во Клубот на пратеници, потврди премиерот Зоран Заев по лидерската средба.

-Оваа лидерска средба ја свикавме за да одлучуваме заедно и да избереме стабилност, безбедност и иднина. На средбата разговараме за можното референдумско прашање во насока на „Дали сте за членство за ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот со Грција?“ Во услови кога Собранието треба да донесе некоја важна одлука, референудмот да биде консултативен, пред Собранието да донесе важна одлука. Сепак волјата на граѓаните сите партии ќе треба да ја почитуваат. За ова разговораме сите кои останавме на средбата до крај – рече Заев.

На состанокот, кој траеше четири часа, беа поканети лидерите на парламентарните партии со повеќе од еден пратеник, а еден час по почетокот од него си замина лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој изрази незадоволство од постапките на владејачкото мнозинство.

– Како процес вечерва разговарав со лидерите на политичките партии и ги информирав за можната формулација на референдумското прашање кое би се движело во следата насока – Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу РМ и Република Грција – изјави Заев.

На средбата се разговарало и за карактерот на референдумот, при што, како што кажа Заев, потребно е тој да биде консултативен.

– Разговаравме и за насоката на која не упатува членот 27 од Законот за референдум, според кој во услови кога Собранието треба допрва да донесе некоја исклучителна важна одлука за иднината, потребно е референдумот да биде консултативен, со цел граѓаните на РМ да бидат консултирани за вака важно прашање пред да се донесе одлуката, а согласно Договорот со Грција тоа е одлуката за уставни промени – појасни премиерот.

Во секој случај, додаде тој, волјата на граѓаните изразена на референдум ќе биде конечна за сите политички чинители во Собранието на РМ.

Одлуката, додаде Заев, се смета за конечна, доколку на референдумот излезат најмалку 50 проценти од вкупниот број на запишани избирачи во Избирачкиот список.

– Значи без разлика на карактер на референдумот одлуката се смета за успешна во ваков случај. И се отвори дебата дали да биде консултативен или обврзувачки. Консултативен е кога ние сакаме да ги консултираме нашите сограѓани и потоа да ги носиме одлуките, како што е случајот со одлуките за промена на Уставот. Ако ние одлучиме да ги носиме одлуките за промена на Уставот сега во Парламентот и ги донесеме тие одлуки и потоа одиме тоа да го провериме на референдум, тогаш тој е дополнителен – појасни Заев.

Во однос на датумот кога ќе се одржи референдумот, Заев повтори дека потребно е да биде распишан 60 до 90 дена пред одржувањето, но напомена дека планот е некаде кон средината на јануари да се заврши со сите постапки при успешен референдум, со што ќе се овозможи Парламентот во Грција да гласа за Договорот.

Премиерот Заев информира дека утре во 12 часот ќе се одржи нова лидерска средба во помал состав на која, како што побара лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, на која, како што рече, Мицкоски ќе може да се изјасни дали е за НАТО и ЕУ, како и дали е за тоа граѓаните да одлучуваат за иднината на Македонија.

– Што е тоа што Мицкоски не сакаше да го каже пред сите политички лидери, а е спремен да го каже на лидерска средба во помал состав. Но, јас сум широк човек, прашањето е премногу вредно за Македонија и вреди да се разговара и натаму. Затоа утре во 12 часот закажувам уште една лидерска средба во помал состав на која што Мицкоски ќе има уште една можност да се изјасни за тоа дали е за Македонија во НАТО и ЕУ и дали е за тоа граѓаните непречено да одлучуваат за иднината на Македонија – истакна премиерот.

Заев потенцираше дека сите што останале на средбата се за успешен референдум, а однесувањето на Мицкоски демонстрирано во име на ВМРО-ДПМНЕ го оцени како несериозно, неодговорно и навредливо кон сите политички субјекти и граѓаните на Македонија.

Во врска со барањата на Мицкоски за усвојување на Законот за финансирање на политички партии и измени на Законот за Влада, пред формирање на ДИК, Заев упати апел до Парламентот да го пушти законот за партиите.

За него, вели тој постои консензус и тој се носи затоа што е добар за политичките партии, ги прави отпорни на можни корупции, влијанија од приватниот сектор, од бизнисмени…

Во однос на договореното од Пржино, Заев нагласи дека веќе е прифатено премиерот да замине сто дена пред редовни избори, ако се вонредни од денот на распишувањето, но потенцира дека тоа било дел од догововорот од Пржино, како услов СДСМ да престане со објавување на т.н. политички бомби и да ги предаде сите материјали на СЈО.

За барањето за амнестиј рече дека нема право ниту тој, ниту Мицкоски, ниту кој било друг во државата да дава амнестија, имајќи ја предвид борбата за воспоставување на владеење на правото.

– Ние мораме да им обезбедиме на граѓаните право за да излезат на вака важно прашање и ако зад референдумот историски гледано најпрво стоела ВМРО-ДПМНЕ, редно е ВМРО-ДПМНЕ да се бори за успешен процес на референдумот. И од тука тоа го очекуваме – додаде Заев.

На прашањето за предвремени избори рече дека изборите се секогаш опција, но додаде дека тие во моментов не се поволност.

– Сите знаеме што значат изборите, неколку месечно уназадување, а трендот е одличен во Македонија заради тоа што во овој момент имаме покана за НАТО, добиваме датум за преговори со ЕУ и треба да бидеме паметни сето ова да го искористиме за економскиот стандард на граѓаните, за инвестиции, за придвижување, охрабрување на институциите, нагласи тој и истакна дека според него треба да се оди на редовни избори.

За ставот на Социјалистичката партии, која е во опозиција и коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ а чии претставници останаа до крај на лидерската средба, Заев кажа дека сите што останале на состанокот се за НАТО и ЕУ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...