Пред Основното јавно обвинителство во Скопје денеска граѓани протестираа во знак на револт од, како што велат, преквалификацијата на кривичното дело „убиство“ во „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот со смртни последици“ за случајот со смртта на четиригодишниот Алмир од Куманово.
Учесниците на протестот, кои носеа транспаренти: „Правда за Алмир”, „Обвинителите го убиваат Алмир вторпат“…, истурија земја пред влезот на обвинителството.
Освен за преквалификација на делото реагираат и на тоа што, како што рекоа, возилото со кое беше прегазен Алмир, наместо да биде конфискувано, е вратено на семејството и побараа од случајот да биде изземен јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство – Куманово, Сузана Кусигерска.
Алмир од Куманово почина на 4 годишна возраст како последица на удар со возило кое го управувал Бобан Илиќ кој претходно имал караница со родителите на починатото дете.
Обвинителството го товари обвинетиот Бобан Илиќ дека на 25 јуни 2016 година го убил четиригодишниот Алмир Алиу, по претходна банална вербална расправија со таткото на момчето во кумановскиот Здравствен дом. Осомничениот, се товари дека го прегазил четиригодишниот Алмир на улицата „Борис Кидрич“. За истиот настан против три други лица, инаку, таткото на детето Седат Алиу, Сами Демири и Абдула Алиу е поднесено обвинение за сторено кривично дело „насилство“.