Бошњаковски: Не постои никаква забрана, ниту ќе постои за фотографирање на лидерски

484

Не постои никаква забрана, ниту постоела, ниту ќе постои за фотографирање и снимање на лидерската средба, изјави за Плусинфо владиниот пртпарол Миле Бошњаковски.

– Сите новинарски екипи се тука освен неколкумина фоторепортери. Нема забрана за фотографирање. Тие сакаа да застанат на местото каде со автомобилите пристигнуваа и се паркираа премиерот и лидерите на партиите учесници на лидерската средба. Не постои никаква забрана, ниту постоела, ниту ќе постои за фотографирање и снимање на лидерски средби – ни изјави Бошњаковси.

Фоторепортери и сниматели се пожалија дека Владината служба за информации не им дозволила да ги снимаат лидерите кога влегуваат на состанокот во Клубот на пратеници по што тие во знак на протест ги оставија камерите пред влезот.

На новинарските екипи им е кажано дека не смеат да влезат во кругот на Клубот на пратеници оти „таков е протоколот од безбедносни причини“.

Откако неколкумина се побунија со забелешка дека во изминатите 27 години до сега ниту еднаш не се случило фоторепортерите и снимателите да не смеат да ги сликаат лидерите како излегуваат од колите, по што во знак на протест си заминаа, Марјан Забрчанец, посебен советник за односи со јавност во Кабинетот на премиерот им дофрли: „Единаесет години ве газеа, ќутевте, а сега ли најдовте да зборите“.

Фоторепортерот Роберт Атансовски на Фејсбук напиша дека не им било дозволено да фотографираат.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...