Сметам дека сите политички сили треба да изнајдат енергија за да ги доближиме ставовите за целите кои се јавно познати, а се за реализација на договорот со Грција, изјави денеска лидерот на ДУИ Али Ахмети по прославата што ја организираше за добиената покана за членство во НАТО.
Ахмети ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање што очекува од вечерашната лидерска средба што ја закажа премиерот Зоран Заев по блокадата за изборот на состав на Државната изборна комисија која треба да го организира есенскиот референдум за прашањето за името.
Ахмети додаде дека Македонија нема друга алтернатива освен членството во НАТО и почнувањето на преговорите со ЕУ и дека тоа ќе ни обезбеди мир, стабилност и економски просперитет.
Според него, во моментов меѓу партиите се води дијалог и има многу средби меѓу сите политички партии и разговорите, како што рече, сега засега се одвиваат во добар правец.
Ахмети не мисли дека предвремени парламентарни избори би било решение за оваа состојба.
На прославата што ја организираше Ахмети во чест на НАТО пред присутните беше прикажано осумминутно видео во кое лидерот на ДУИ ја објаснува својата посветеност за членството на Македонија во Алијансата во изминатите 17 години.
– НАТО беше и ќе остане еден од важните столбови како гаранција за имплементација на Рамковниот договор, рече меѓу другото Ахмети, посочувајќи дека членството на Македонија во Алијансата ќе и обезбеди поголема безбедност, стабилност и просперитет…
На свеченоста што се организираше во ресторан во центарот на Скопје присуствуваа претседателот на Собранието, пратениците од ДУИ и високи функционери од оваа партија, претставниците на НАТО во Македонија, американскиот амбасадор Џес Бејли и други претставници на дипломатски мисии во Скопје, поглаварот на Исламската верска заедница Рејс Улема Сулејман Реџепи и други.