Пендаровски во „Само Вистина“: Грција побара „ерга омнес“ како последица на антиквизацијата на претходната власт

4281

Пред Самитот на НАТО во 2008 година имаше координативна средба на која тогашниот премиер Никола Груевски побара тет-а-тет средба со тогашниот претседател Бранко Црвенковски, по која на преостанатите од тимот ни беше соопштено дека постигнале согласност да се настапи со предлог-решение за името Република Македонија (Скопје). Настапивме со тој предлог, кој Грција веднаш го одби, рече националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски во денешното интервју во „Само вистина“ на Канал 5.

Што се однесува на поставувањето на „ерга омнес“ како услов во преговорите од страна на Грција, Пендаровски рече дека тоа било поставено во последните интензивни преговори.

– Претходно немаше барање за промена на Уставот од Грција, тоа дојде сега. Тоа е последица на нашата антиквизација во изминативе 10 години, што за Грција е аргумент, ете, дека Владата со државни пари сакала да спонзорира присвојување на нивната историја – рече Пендаровски.

Тој смета дека договорот со Грција го зацврстува нашиот идентитет бидејќи првпат од грчка страна се спомнува и се признава македонски јазик и македонски народ. Истовремено, вели Пендаровски, се зацврстува и грчкиот идентитет, односно се става на хартија дека хеленистичкиот период е дел од нивната историја, поради што очекува дека нема да има проблеми околу ратификацијата на договорот од грчка страна.

Од најавената лидерска средба тој очекува учество на опозицијата.

– Очекувам опозицијата да дојде и да каже што мисли и да понуди алтернативен план. Без алтернативен план вие не сте релевантен соговорник – рече Пендаровски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...