Цената на државноста

Ако, во случај, Македонија одлучи да не биде во НАТО (со одбивање на референдумот), има ли некој во Македонија кој знае на кој друг пат ќе треба да проодиме?! Јас не знам.

1123

Пред распаѓањето на Отоманската Империја, албанските преродбеници лобираа границите на новата албанска држава да бидат во рамките на четирите вилаети (Скадарскиот, Косовскиот, Јанинскиот и Битолскиот вилает – што опфаќаше територија од околу 74.000 км2). И Призренската лига (1878) бараше автономија за Албанците во границите на горенаведените вилаети. Сепак, иако Исмаилќемал-бег Влора ја прогласи независноста на Албанија на 28.11.1912 год., таа не беше меѓународно признаена сè до наредната година (Конференцијата на амбасадорите во Лондон – 29.7.1913), кога на Албанија ѝ беше признаена територија од само 28,748 км2. Кој би поверувал?! Дури, Албанците ќе бидат благодарни што во Версај им беше оставена таа држава во истите определени граници. Тоа беше превисока цена за националните амбиции на Албанците на Балканскиот Полуостров, но понудата била „земи или остави!“.

Некако слично, во поново време, беше и состојбата со Дејтонскиот договор, кога Изетбеговиќ за сметка на постоење на Босна и Херцеговина како држава, ја прифати Република Српска (49 отсто) во рамките на државните граници, така што Бошњаците ќе ја делат другата половина со Хрватите. Само за потсетување, пред војната БиХ имаше 43 отсто Бошњаци, 31 отсто Срби и 17 отсто Хрвати. „Ако не сакаш нова Сребреница, прифати го ова!“, можеби тоа му било понудено на Изетбеговиќ, додека на другата страна ја гледал насмевката на Милошевиќ.

Мора да се плати цена

Со денешно Косово сликата е уште појасна. За сметка на укинување на визниот режим, Косово беше принудена да се откаже од своја територија, а кога пак не ѝ се укинаа визите, не се ни осмели да изрази разочарување. А сега, кога на повидок е постигнувањето на новиот договор помеѓу Србија и Косово, се чини дека Косово ќе треба да плати нова цена, односно пазарење за северниот дел на својата територија: „Ако сакаш држава и признавање во ООН, цената е тоа“!

Иако овој поредок звучи брутален, мораме да го прифатиме фактот дека реалната светска политика не се засновува на праведност, милост и морал, туку на интереси. Ако некој се надева на други вредности во политиката, ја утнал работата. Кога претседателот Трамп на една Германија сред Европа ѝ се обраќа со вокабулар: „Нема јас да плаќам за тебе во НАТО, а ти да бидеш зависна од руската енергија!“, се чудам ако некој кај нас се надева на друг однос поради сожалување за нашата пожртвуваност.

За волја на вистината, Република Македонија сè уште ја гради својата државност. Како и дел од нашите соседи, и таа во досегашниот период покажа дека нема доволно свест и капацитет да гради успешна држава без надворешна помош. Ниту економски, ниту воено, ниту демократски, ние не покажавме дека можеме да опстоиме сами. Дури и во внатрешните меѓуетнички односи државата не се докажа дека самата може да се соочи и да ги реши тие проблеми, туку секогаш требаше некој странски фактор да посредува. Охридскиот рамковен договор е најдобриот пример за тоа. Како и да е, на сцена е нова понуда за Македонија: „Ако сакаш стабилна држава, членка на НАТО, со можност за економска перспектива, цената е усвојување на Договорот со Грција!“. Генералниот секретар на НАТО, Столтенгберг, го кажа тоа речиси на иста ваква реченица.

И, кога се наоѓаме пред од ова ново искушение, кога знаеме дека сите држави платиле некоја цена за својата државност (замислете ја цената што ја платила Турција – од границите на една голема империја до досегашните граници) – време е и ние да донесеме одлука: сакаме стабилна и перспективна држава или сакаме да останеме во „линијата на огнот“ (Џ. Кери), со голем ризик за нашата иднина?!

Државноста под прашање

Оваа дилема е сигурно толкуваното прашање на референдумот што следи. И, кога вака ги гледаме работите, иако сите ние треба да бидеме одговорни, сепак најмногу треба да мислат нашите сограѓани Македонци. Нивното опстојување, и како нација, зависи од постоењето на државата. Ако тие сакаат да го сочуваат нивниот идентитет, јазик, историја, култура итн., тоа може да го направат само ако имаат силна држава која ги штити тие интереси…

Поаѓајќи од ова, можеме да констатираме дека сите ние, граѓаните на Република Македонија, оваа година ќе бидеме во искушение за одлучување за нашата иднина, а сепак најмногу ќе бидат нашите сограѓани Македонци, кои освен севкупниот државен интерес, треба да одлучат и за нивниот национален интерес. Прашањето на референдумот подразбира две дилеми за нив, а една за нас останатите.

Анализирајќи ги на овој начин состојбите во Македонија, можеме да заклучиме дека тие кои се против референдумот, против решавањето на спорот со името, на индиректен начин ја ставаат во знак прашалник државноста на Република Македонија, дури можат да наштетат и на македонскиот идентитет. Бидејќи секоја друга опција е ризична, референдумот претставува можност за оваа држава да скршне на друг пат. Ако, во случај, Македонија одлучи да не биде во НАТО (со одбивање на референдумот), има ли некој во Македонија кој знае на кој друг пат ќе треба да проодиме?! Јас не знам. Или, поточно, не би сакал ни да помислам на такви опции.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...