Гостиварската локална самоуправа потпиша меморандум со компанијата Ватерло Хастингс од Велика Британија која треба да помогне во изработка на проект и консултации за депонирање на отпадот во депонијата Русино и негова преработка.
Според првиот човек на општина Гостивар, Арбен Таравари со овој документ се прави првиот чекор кон решавање на еден од најгорливите проблеми во полошкиот регион.
– Со овој меморандум ги определуваме деталите и условите што ги преземаме. Се надевам дека и централната власт, Владата ќе нé поддржи да го реазлираме овој проект и да се најде дефинитивно решение. Една од можностите на идните инвеститори е управуавње со депонијата и производство на струја од отпадот – изјави градоначалникот Таравари по потпишувањето на Меморандумот.
Претставникот на компанијата Ватерло Хастингс изрази надеж дека овој меморандум ќе биде почеток на една подологорчна соработка на база на јавно приватно партнерство.
– Ние имаме соработка со француската компанија Етиа, која се занимава со преработка на отпад и имаме пристап до значајни финансиски фондови. Претходно го истражувавме пазарот од оваа област во Македонија и увидовме дека дефинитивно има потреба од инвестирање. За Гостивар подготвени сме да ја обезбедиме инвестицијата 100 проценти и да воспоставиме приватно-јавно партнерство со Гостивар. Се надевам дека сите административни процедури и обезбедување документација ќе бидат завршени до септември кога и ќе потпишеме финален договор – изјави Филип де Борегард.
Потпишаниот Меморандум опфаќа консултирање, подготовка, развој и имплементација на проекти на локално и регионално ниво за третман на отпад и вода.