Хан: Имате рандеву со историјата, затоа нема време за губење

Хан укажа дека предвидениот референдум ќе биде важен за иднината на земјата и ги повика сите граѓани особено младите да го остварат демократското право оти како што посочи секој глас е битен.

280

Ајде да се зафатиме со работа, имате рандеву со историјата. Затоа нема време за губење. Ние сме само на почетокот од едно долго патување, порача денеска еврокомесарот Јоханес Хан обраќајќи се на седницата на Националниот совет за евроинтеграции.

– Важно е да демонстрирате инклузивност и дека се работи на стратешките приоритети на земјата. Имате единствена можност да се обединат сите различни сили во општеството и да се направи разлика на подобро. Пред нас се голем број предизвици затоа ве охрабрувам да бидете концентрирани и обединети – порача Хан.

Тој нагласи дека во однос на реформите кон ЕУ приоритет треба да се даде на клучните области идентификувани од страна на Европскиот совет, а Европската комисија ќе продолжи да и помага во овој процес на земјата кој ги опфаќа реформи во правосудството, борба против корупцијата и организираниот криминал, реформата на безбедносните и разузнавачките структури и реформата на јавната администрација. Хан укажа дека предвидениот референдум ќе биде важен за иднината на земјата и ги повика сите граѓани особено младите да го остварат демократското право оти како што посочи секој глас е битен.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...