Во петок ќе падне пресуда за Кочан и другите обвинети во „Труст“

Според обвинението, осомничените со фалсификувани документи местеле тендери во ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра. 

463

Судијката Лидија Трајковска-Зимбовска, која е претседател на судечкиот совет за предметот „Труст“ во петок, на 20 јули, во 12 часот ќе ја објави пресудата за обвинетите во овој предмет.

Првообвинетиот во „Труст“, бизнисменот Сеад Кочан, денеска во завршните зборови пред Судот рече дека не се чувствува виновен, бидејќи немал никаква умисла да прекрши било кој закон.

– Покрај сувото гори и суровото – рече Кочан и додаде дека единствена цел му била да биде конкурентен на пазарот и да обезбеди работа за неговите вработени и нивните семејства.

Тој посочи дека не ги проверил документите за овој случај пред да ги потпише, иако како менаџер имал таква обврска.

– Како менаџер, иако сум имал обврска да ги проверувам сите документи пред да ги потпишам, тоа не го направив верувајќи цврсто во својот тим – рече Кочан.

И обвинетиот Василије Авировиќ во завршните зборови се изјасни дека не се чувствува виновен за делото за кое се товари.

-Таквото неосновано обвинение дополнително ја загрози мојата здравствена состојба, која уште од раното дејство ми е многу кревка – рече Авировиќ.

Обвинетиот Сафет Ватиќ во завршните зборови, исто така, рече дека не се чувствува виновен и очекува да биде донесена ослободителна пресуда.

Претставникот на „Трансмет“ ДОО Скопје Сабина Аломеровиќ рече дека се приклучува на завршните зборови на бранителите на правното лице и во целост стои зад нив. Таа посочи дека очекува ослободителна пресуда за правното лице „Транспет“ ДОО Скопје.

Адвокатот Јован Јоанидис, кој е застапник на правното лице „Силекс неметали СТ“ рече дека судот коректно ја водел целокупната постапка и очекува да биде донесена одлободителна пресуда за сите.

Според него, во овој предмет нема елементи на кривичното дело кое што им се товари на сите обвинети.

На денешното рочиште и одбраната и обвинетите во „Труст“  рекоа дека судечкиот совет коректно ја водел целата постапка за овој случај.

Во предметот „Труст“ првоосомничен е бизнисменот Сеад Кочан и уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“ ДОО Скопје,  „Силекс неметали СТ“ и „Вато“ ДООЕЛ, за учество на тендер на Електрани на Македонија.

Според обвинението, осомничените со фалсификувани документи местеле тендери во ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...