ВМРО-ДПМНЕ не го разгледале Законот за Академијата за судии и обвинители, Џафери им го пратил синоќа

Законот од Влада до Собранието е испратен на 3 јули, сепак, кај Претседателот на Собранието седел практично до 16 јули. Значи ќе упатиме порака до претседателот на Собранието на РМ предлог законите кои стигнуваат навремено да бидат доставени до пратениците, рече Кирацовски од СДСМ.

157

Седницата на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците која денеска требаше да го разгледува Предлог – закон за изменување и дополнување на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, беше одложена на барање на членовите, пратеници од ВМРО-ДПМНЕ поради тоа што законот бил доставен до нив синоќа, и немале време да го разгледаат. 

Пратеникот Зоран Илиоски реагираше дека на таков начин се крши член 140 од Деловникот за работа на Собранието на РМ, согласно кој, како што рече, предлог-законите треба да се разгледуваат на комисии три дена пред да се најдат на пленарна седница, што не е случај со овој предлог-закон.

– Исто така, Предлог-законот до нас беше доставен синоќа и немавме време да се подготвиме – рече Илиоски.

Претседателот на Комисијата Александар Кирацовски ја одложи комисијата истакнувајќи дека процедуралната забелешка и аргументациите на Илиоски се издржани.

– Законот од Влада до Собранието е испратен на 3 јули, сепак, кај Претседателот на Собранието седел практично до 16 јули. Значи ќе упатиме порака до претседателот на Собранието на РМ предлог законите кои стигнуваат навремено да бидат доставени до пратениците – рече Кирацовски.

Целта на предложеното законско решение, по кое требаше да расправа оваа Комисија, е подобрување на постојната законска регулатива согласно утврдените недостатоци во примената на законот и отстранување на формалните критериуми кои претставуваат пречка за примена на законот, а ќе овозможат ефикасен избор на органите и функционирање на Академијата согласно закон.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...