Каква младост е таа што ѝ сака смрт на некоја друга младост?

Млади, не гледајте во таа генерација на минатото и мракот, не барајте ништо.

1271

Политичарите од старата генерација обезбедија живот за младите каков што не заслужуваат. Дадоа најлоши можни примери за тоа како не се води држава, како не функционира општеството, како не треба да се однесуваме во заедниците, маалото, семејството…

Таа генерација политичари ја третираше земјата како привремена градба покрај напуштен златен рудник – ископај, грабни колку можеш и бегај. Ја третираа како двор на туѓинец во кој може да се врши нужда. Како да имаме резервна земја. Дури и направија нешто налик на тоа. Создадоа држава во држава, во која можат да живеат само избрани, а другите ги фрлија во беда.

Тоа се генерации и гарнитури што спроведуваат бескрајна, мрачна и криминална транзиција, испродадоа сѐ што вредеше, не да се прехраниме сите заедно, туку само некои да се збогатат како цареви и да си играат војна по планините, „Монопол“ по градовите. Структури што им робуваат на парите, моќта и пороците, а глумат моралност и богобојазливост – уништија генерации млади луѓе. Кој имаше шанса, избега. Кој немаше, заглави во спирала од глупост и насилство.

Политичарите на минатото се опкружија со безрбетници и квази интелектуалци што пишуваа учебници што заглупавија генерации млади. Изградија систем што е суров, неправеден и криминален, произведе луѓе и квази лидери што им припаѓаат на најмрачните времиња на светот, а нивната слика може да се стави во албумот на психијатриски случаи. Злосторници претставени како херои во медиумите ги наметнаа како идоли.

Дел од нас беа бунтовни од млади години. Баравме од постарите да ни обезбедат слобода и подобар живот. Баравме да станат поинакви, да фатат чекор со времето во светот кој се менуваше со вртоглава брзина. Баравме нешто што никогаш не добивме. Наместо тоа, новата, посткомунистичка генерација стана далеку полоша, алчна и сурова. Во меѓувреме, остаревме борејќи се со ветерници.

Млади, не гледајте во таа генерација на минатото и мракот, не барајте ништо. Вие знаете подобро и повеќе. Вие сте дел од новиот свет што безмилосно го уништуваше старата генерација и генерацијата пред неа – тие сѐ уште ги држат парите и моќта, но вие можете да им застанете на патот. Не земајте ништо од нив. Вие сте надежта, таа нова генерација млади, храбри и отворени луѓе, постојано будни и ангажирани. Ништо не ви е потребно од нив.

Барам денеска од Вас да ги прогласите таквите политички мастодонти за изумрени видови. Тие не знаеја и не сакаа да го надминат минатото, а уште помалку сакаа да обезбедат иднина за вас. Време е сите да го сфатиме тоа и да му дадеме предност на младиот човек што сака нешто да направи од и во Македонија.

Каква младост е таа што носи омраза во себе? Каква младост е таа што ѝ сака смрт на некоја друга младост? Зарем може да се подели младоста на една и друга, едната да заслужува живот, а другата страдање и беда? Младоста е младост, не може да се подели. Дури и само еден несреќен млад човек е премногу за оваа земја што и онака ја напуштаат младите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...