Отворањето на преговорите треба да се случи следната година, имате силна меѓународна поддршка, но на крајот на вас ви останува да одлучите за иднината, порача еврокомесарот Јоханес Хан кој утрово присуствуваше на владината седница со што официјално започна скрининг процесот за преговори со Европската Унија.
– Вратата на ЕУ сега е ширум отворена. Вам ви останува да ја искористите оваа можност, ги повикувам граѓаните да го искористат тоа право и да учествуваат во референдумот, особено младите. Видовме референдуми каде младите не учествуваа и се носеа одлуки кои не се добри за нив, како референдумот во Велика Британија. Се работи за вашата земја, за вашата иднина – рече Хан.
Тој на Заев и министрите им го претставил првичниот план како ќе тече подготвителниот период, а овој процес како што посочи е редовна процедура за секоја земја пред отворањето на поглавјата.