Завршни зборови на обвинетите во „Труст“

251

Со завршни зборови на обвинетите, денеска во Кривичниот суд ќе продолжи судењето по предметот „Труст“ на Специјалното јавно обвинителство.

На вчерашното рочиште, што траеше речиси шест часа, завршни зборови даде одбраната на обвинетите, кои од Судот побараа ослободителни пресуди оти, како што наведоа, ниту „Трансмет“, ниту „Силекс“, ниту пак „Вато“ не ја повредиле постапката за јавна набавка.

– Секој од нас греши, човечки и природно е да се греши, ако поради грешка и намерен пропуст кривично се одговара, тогаш сите ние треба да бидеме казнети, рече адвокатката на Сеад Кочан и „Трансмет“, Маја Дојчиновска.

Според неа, СЈО во случајот не понудило доказ за висината на евентуалната имотна корист со која, како што рече, наводно се стекнале обвинетите, а за која бара конфискација. Таа вели дека нејасно е како бараат судот да ги задолжи обвинетите со износ од 1.060.000.000 денари.

Дојчиновска на Судот му посочи дека во овој случај може да донесе единствена пресуда, а тоа е ослободителна, но доколку по било кој основ најде вина кај обвинетите, да има предвид дека Кочан е истакната личност во општетствените кругови кој со своето работење придонел за развој на стопанството и економијата, како и дека е работодавач на повеќе од 500 вработени.

Бранителот на Сафет Васиќ рече дека обвинението против „Вато ДООЕЛ“ е неиздржано и со повеќе примери на Судот му укажа дека Сафет не знаел за никаков план за изигрување на јавна набавка и дека нема никаква поврзаност на „документот на турски јазик“ со влегување на конзорциумот во втора фаза.

На претходното рочиште СЈО предложи целосното обвинение кон „Вато“ ДООЕЛ да биде повлечено. Исто така, посочи дека Сафет Васиќ, повеќе не е обвинет како извршител на сторено дело, туку ќе се води како помагач, бидејќи е утврдено дека извршувал само „помагачки дејствија“ и ќе добие помала казна.

Во предметот „Труст“ првоосомничен е бизнисменот Сеад Кочан и уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ, за учество на тендер на Електрани на Македонија.

Според обвинението, осомничените со фалсификувани документи местеле тендери во ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...