Можностите за зајакнување на билатералната соработка помеѓу Македонија и Австралија, особено во делот на инвестициите и економијата беше, меѓудругото, тема на денешната средба на премиерот Зоран Заев и амбасадорката на Австралија за Република Македонија, Џулија Фини, која го завршува својот мандат.
Амбасадорката Фини, како што соопшти владината прес-служба, дала поддршка на интеграциските процеси на Република Македонија, што отвораат можности за поквалитетен живот за граѓаните во нашата држава.
– Перспективите што ги отворивме, со поканата за пристапни преговори за НАТО и најавениот датум за почеток на преговори со ЕУ, значат шанси за економски развој на Македонија и подобар животен стандард за граѓаните. Веќе има бројни инвестиции за коишто имаме потпишано договори, или сме во фаза на договарање, што значи повеќе работни места за граѓаните, како и повисоки плати. Македонија и Австралија ги поврзува дијаспората, но и одличното пријателство и постојат услови да се развие економската соработка од заеднички интерес – рекол премиерот Заев.
Тој најавил дека во периодот што престои уште посилно ќе се посвети на економијата во државава, по дипломатската активност којашто резултираше со отворени врати за евро-атлантските интеграции.
На средбата се разговарало и за актуелни политички прашања. Премиерот Заев го изнесе своето очекување дека граѓаните кои избраа демократски развој на Република Македонија, со европска и НАТО иднина, ќе дадат силна поддршка на продолжување на овие процеси, до конечна реализација на стратешките цели, интеграција во НАТО и ЕУ.
Премиерот Заев, во име на граѓаните на Македонија, и се заблагодарил на амбасадорката Фини за личните заложби и за принципиелната поддршка на Австралија во обновата на демократските капацитети на институциите во нашата држава.
Амбасадорката Фини на средбата посакала Македонија да продолжи да се развива во современо, модерно општество и добро место за живеење за своите граѓани.