Нова демократија смета дека Коѕијас направи грешка што дозволи националност Македонци и македонски јазик, смета поранешната шефица на грчката дипломатија Дора Бакојани. Говорејќи за радиото „247“, таа вели дека за државјанството можело да стои „граѓани на“, наместо Македонци.
– Сите во Нова демократија се согласуваме дека беше голема грешка од страна на господинот Коѕијас да ја даде националноста, односно титулата Македонци и македонски јазик. Ова беше погрешно, ова беше грешка затоа што тоа е коренот на иредентизмот. Од моментот кога говоревме само за државјанство, односно за делот што е во пасошот, во пасошот можеше слободно да пишува „граѓани на“ и да се заврши со ова. Ова можеше да се избегне и да не се даваше можност да го имаат она што го вели господинот Заев „ерга омнес Македонци“ – вели Бакојани.
Поранешната шефица на грчката дипломатија, а сега пратеник од Нова демократија, вели дека нејзината позиција е непроменета уште од 2008 и поддржува сложено име, но потенцира дека проблемот не е името, туку иредентизмот, пренесува дописничката на МИА од Атина.
Во однос на тоа доколку не се завршат сите обврски за време на актуелната грчка Влада и Договорот не биде ратификуван од сегашниот парламент, што би направила Нова демократија како влада, Бакојани вели дека „задолжително одново ќе преговараат“, а основата на разговор би било сложено име со акцентот ставен на иредентизмот.