Запрашан дали МВР го пронашло третиот напаѓач на Саздовски кој беше претепан до смрт и дали е пронајдено возилото „мерцедес“ од кое излегле напаѓачите, министерот Спасовски посочи дека
Возилото и идентитетот на двајца од напаѓачите е утврден уште истиот ден, вели министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарски прашања за случајот со смртното претепување на 21-годишниот Никола Саздовски – Саздо.
– За третиот напаѓач веќе имаме конкретни сознанија и очекуваме многу скоро тоа да се случи – рече Спасовски и појасни дека кога ќе имаат можност да го обезбедат ќе го обезбедат и ќе информираат за тоа.
Во врска со обвинувањата од опозицијата дека градот не е безбеден, Спасовски рече дека фактите говорат друго.
– Во однос на тоа што кажува опозицијата апсолутно јас не можам да ја градам стратегијата како треба да работиме. Фактите покажуваат дека нивото на криминалитетот е опаднато драстично од тоа време кога тие ја водеа државата. Второ, откривачката дејност на полицијата е исто така многукратно зголемена со поднесување и расветлување на кривични дела и кривични пријави. Јас се обидувам да имаме стратешки пристап кон зголемување на безбедноста и во Скопје и во Република Македонија – рече Спасовски кој денеска присуствуваше на трибина посветена на заштитата и чувањето на шумите во Центарот за обука во Идризово.