Република Македонија и нејзината Влада се цврсто посветени државата да стане 30-та земја-членка на Алијансата, за што има консензус кај сите политички партии, но и висока поддршка од граѓаните на Македонија.
Ова го истакнаа вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, на денешната средба во Скопје со амбасадорот Алехандро Алваргонзалес, помошник на генералниот секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика и Мачеј Поповски, заменик генерален директор за соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија, кои се во прва заедничка посета на Република Македонија.
– Република Македонија беше во сериозна политичка криза изминатите неколку години, но граѓаните и Владата покажаа дека доколку имаме волја, доколку сме посветени и цврсто решени да продолжиме на патот на реформите, ние имаме капацитет тоа и да го направиме. Во исклучително краток период, Република Македонија успеа повторно да се наметне како позитивен пример во регионот. Ги вложуваме сите напори да ги реализираме реформите кои се насочени кон секој припадник на Армијата, кон условите во кои тој работи, кон неговата опременост, знаења и вештини, рече министерката Шекеринска.
Важно е, истакна Шекеринска, да се спомене дека со приемот на Република Македонија, НАТО ќе има уште еден член кој има капацитет да даде свој придонес кон напорите на Алијансата за мир и безбедност на глобално ниво.
Тоа, рече Шекеринска, е видливо и преку нашето долгогодишно учество во мисијата на НАТО во Авганистан, „Одлучна поддршка“ каде неодамна го зголемивме македонскиот контингент за 20 проценти.
Шекеринска додаде дека буџетот на Министерството е зголемен, но и оти тие средства се трошат рационално и домаќински.
Информираше дека во моментов во Министерството за одбрана активно се работи на Стратегискиот одбранбен преглед, и дека тој документ ќе биде основа за натамошните реформи и правецот во кој ќе се развива Армијата на Република Македонија.
– Преку Стратегискиот одбранбен преглед (СОП) ќе се добие слика за реалните потреби на одбраната и она што Македонија ќе може да го обезбеди. СОП ќе помогне во делот на модернизацијата на одбраната со дефинирање на вистинските приоритети, рече Шекеринска.
Во тој контекст, министерката се заблагодари на НАТО – Алијансата и нејзините земји-членки, особено САД, Велика Британија и Германија за поддршката во создавање на квалитетен стратегиски документ.
Шекеринска истакна дека Македонија сака да биде и добар сосед, зашто само поврзан и стабилен регион може да биде предуслов за развој.
Шефот на македонската дипломатија Димитров на средбата ја реафирмираше определбата на земјата за што поскоро зачленување во НАТО, како еден од врвните приоритети на надворешната политика на Република Македонија. Аргументираше дека Македонија веќе долго време дејствува како дефакто земја членка на Алијансата, особено во споделувањето на заедничките одговорности со земјите членки на НАТО.
Притоа, Димитров посебно ја нагласи успешната соработка во рамките на мисијата на НАТО во Авганистан и нашата определба за долгорочен придонес во зачувувањето на меѓународниот мир и безбедност.
– Како одговорен член на меѓународната заедница и долгогодишен посветен партнер на Алијансата, Република Македонија ќе го зголеми учеството во мисијата „Одлучна поддршка” за 20 отсто, истакна Димитров.
Тој ја подвлече определбата на Владата на Република Македонија за останување на реформскиот курс во рамките на МАП процесот, со цел понатамошно зајакнување на политичките, одбранбените и безбедносните перформанси на земјата, што води кон целосно и брзо интегрирање на земјата во НАТО.
Помошник-генералниот секретар на НАТО, Алваргонзалес рече дека пред една година биле загрижени од кризата во Македонија и ги охрабри лидерите да дадат максимум во правец на реформите. Посочи дека Владата на Република Македонија треба да биде горда на тоа што го прави за земјата и за иднината на нејзините граѓани.
Двајцата гости, Алваргонзалес и Поповски дадоа признание за реформите што ги спроведува Владата на Република Македонија, како и за придонесот во мисиите „Одлучна поддршка“ во Авганистан и АЛТЕА во БиХ, се наведува во соопштението од прес-службата на Владата на РМ.